Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека неговата земја воведува санкции за воената хунта во Мјанмар и ја повика администрацијата на земјата веднаш да ја ослободи уапсената лидерка Аунг Сан Су Чи.
– Усвоив уредба која овозможува веднаш да воведеме санкции против воените службеници кои го организираа пучот, членовите на нивното потесно семејство и нивните финансии, рече Бајден.
Тој додаде дека во текот на неделава ќе утврди кој ќе биде на списокот за санкции и дека финансиските средства и имот на сегашните воени власти во САД ќе бидат замрзнати.
Според него, САД ќе продолжат да даваат помош на луѓето во Мјанмар, особено во областа на здравството.
– Уште еднаш ја повикувам војската на Мјанмар веднаш да ги ослободи сите демократски избрани политички лидери, вклучително и Аунг Сан Су Чи. Војската мора да ја предаде власта и да ја почитува волјата на народот, додаде американскиот претседател.
Војската на Мјанмар изврши државен удар на 1 февруари и ја уапси лидерката на цивилната власт Аунг Сан Су Чи, која се наоѓа во притвор на тајна локација.
Воениот пуч во Мјанмар е осуден од меѓународната заедница.