Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека лансирањето на двете ракети со краток досег од Северна Кореја не ги смета за провокација кон неговата земја.
Пентагон, според него, оценил дека станува збор за „редовна ситуација“.
Би-Би-Си наведува дека овие севернокорејски ракетни тестирања, се изведени за време на викендот, по завршувањето на заедничките воени маневри на САД и Јужна Кореја и во екот на напорите на Вашингтон да воспостави официјален контакт со Пјонгјанг.
Дводневните ракетни тестирања ги потврдија официјалните лица на САД и Јужна Кореја, кои прецизираа дека „од Ончон биле истрелани две крстосувачки ракети во Жолто Море“.
-Научивме дека ништо не се сменило. Нема ништо ново во нивните постапки, рече претседателот Бајден.
Резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кои резултираа со санкции против Пјонгјанг, забрануваат боеви тестирања со балистички ракети.
Би- Би-Си додава дека Северна Кореја потврдила дека се лансирани две, но небалистички ракети, нагласувајќи дека со овие тестови не е прекршена ниту една резолуција на Советот за безбедност на ОН.