Американскиот претседател Џо Бајден, горд ирски Американец, е на тридневна турнеја низ Ирска и ќе се обрати во парламентот во Даблин и ќе присуствува на банкет во замокот во Даблин.
„Чувството е прекрасно. Се чувствувам како да се враќам дома“, им рече Бајден на новинарите вчера попладне додека беше во обиколка на замокот Карлингфорд, во близина на домот на неговите ирски предци. Бајден вечерва ќе биде почесен гостин на банкетот во салата Св. Патрик во замокот Даблин, чест што претходно ѝ беше доделена на британската кралица Елизабета Втора и на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди.
Попладне тој ќе се сретне со ирскиот претседател и премиер, со што ќе стане четвртиот американски претседател кој ќе се обрати пред ирскиот парламент по Кенеди во 1963 година, Роналд Реган во 1984 година и Бил Клинтон во 1995 година.
Бајден е во Белфаст од вчера наутро, каде што накратко разговараше со британскиот премиер Риши Сунак и ги повика политичките лидери во Северна Ирска да го обноват нивниот договор за поделба на власта со ветување за значителни американски инвестиции.
После тоа, тој уживаше во побезгрижното патување во округот Лут, кој се наоѓа помеѓу Даблин и Белфаст и е родното место на неговиот пра прадедо Овен Финеган, чевлар кој емигрирал во САД во 1849 година. Бајден им рекол на возбудените жители на градот Дандалк дека нивниот град е прекрасен. „Не знам зошто по ѓаволите моите предци заминаа од овде“, се пошегува тој.
Утре тој ќе се сретне со роднините од другата страна на неговото семејство, оние на неговиот пра прадедо Едвард Блевит во западниот округ Мајо. Тој таму ќе има јавно обраќање на крајот од турнејата. На некои ангажмани во Даблин, Бајден ќе биде придружуван од државниот секретар Антони Блинкен, кој е во посета на Ирска, а потоа ќе отпатува за Виетнам и Јапонија.