Поранешниот потпретседател Џо Бајден ја предводи листата на претседателски кандидати од Демократската партија, а веднаш зад него се Берни Сандерс и Елизбет Ворен, според најновата онлајн анкета на „Ен-Би-Си Њус“.

Според анкетата спроведена веднаш после првите демократски дебати што се одржаа во јуни, доколку денес се одржат внатрепартиски избори 25 отсто од испитаниците би гласале за Бајден. Сандерс и Ворен, актуелни членови на Горниот дом на американскиот Конгрес (Сенат), би добиле по 16 отсто од гласовите на анкетираните.

Сенаторот Камала Харис е веднаш зад нив со 14 отсто, додека градоначалникот на Саут Бенд, Пит Бутиџиќ би добил осум отсто од гласовите на анкетираните. Поранешниот конгресмен од Тексас, Бето О’ Рурк и сенаторот Кори Букер од Њујорк би добиле по три отсто, додека останатите претседaтелски кандидати (вкупно се 24), би добиле по два отсто или помалку.

Анкетата на „Ен-Би-Си Њус“ и „Сурви манки“, спроведена онлајн од 2 до 16 јули, укажува и на раст на рејтингот на актуелниот претседател Доналд Трамп. Рејтингот на одобрување на претседателот пораснал од 45 отсто лани во септември, до 48 отсто во јули.

Се заклучува дека растот на рејтингот на Трамп се должи на постојаните соопштенија и изјави на неговата администрација околу бегалската криза на границата со Мексико што ефектуира во промени кај јавното мнение. Дваесет и два отсто од испитаните лица кажале дека имиграцијата е главна грижа за нив, додека само 15 отсто се изјасниле исто лани во септември, а вработеноста и економијата тогаш за нив била главна грижа, се дознава од анкетата.

Во јули, 14 отсто укажале дека екологијата е нивна главна грижа, и мнозинство (68 отсто) потврдиле дека економијата е „многу добра“, само еден процент помалку споредбено со лани во септември.