Кандидатот за лидер на СДСМ, Александар Бајдевски денеска во „Daily Click“ на ТВ21 истакна дека смета оти Договорот за добрососедство со соседна Бугарија не е објаснет убаво.
Според него, со тоа се создала перцепција дека тие тргуваат со националните работи.
„Јас сметам дека една од причините за големиот пораз што ни се случи на последните избори на 8ми мај е токму можеби перцепцијата на граѓаните дека СДСМ избегал од својата идеолошка матрица. Тоа кога го говорам, пред се сметам на Договорот за добрососедство со Бугарија, за кој сметам дека добро не го објаснивме и кај граѓаните се направи перцепција дека ние нешто правиме, тргуваме со некои наши национални…“, вели Бајдевски.
Тој додава дека во секој договор има лоши, но и добри работи.
„Сметам дека ние успеавме во договорот и со Бугарија, но и со Грција да ги заштитиме нашите национални интереси и посебност. Меѓутоа она што сметам дека беше проблем, беше перцепцијата на граѓаните“, додава Бајдевски.
Тој истакна и дека нема црни дамки зад себе, и поради тоа се охрабрил да се вклучи во кандидатурата за претседател на партијата.
Јас сум долги години во СДСМ, од мојата 18-та година, можам слободно да кажам дека сум пораснат во партијата. Досега сум бил на повеќе партиско општествени функции. Во делот на општественото делување сум бил советник во Кисела Вода мандат 2000-2005 година, и како што кажавте последните години ја извршувам заменик министер за информатичко општество и администрација. Во целиот мој ангажман сметам дека сум работел одговорно, чесно, сметам дека немам црни дамки зад себе и тоа ме охрабри да влезам во оваа кандидатура, да ја споделам мојата визија со партиските другари и да ја побарам нивната поддршка, вели Бајдевски.