Кандидатот за градоначалник на општина Чучер-Сандево истакна дека ќе се воведе дневен центар за пензионери.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Чучер-Сандево, Зоран Бајовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека општината е тотално нефункционална, со нефункционирањето на комуналното претпријатие и пречистителните станици, како и со многуте диви депонии за кои тој потенцираше дека има конкретно решение за расчистување на истите, во првите 100 дена од мандатот.

„30 години нашата општина беше оставена на страна, ограбувана од оние што гледаат само лична корист. Чучер Сандево како да беше привилегирана приватна фирма на поединци овие години. Затоа, денес имаме нефункционална општина, нефункционално комунално претпријатие, нефункционирање на прочистителни станици, дури ни ѓубрето не можат да го соберат, па со денови стои по улиците. Во моментов на територија на Чучер Сандево има 32 диви депонии. Приоритет во првите 100 дена ќе биде расчистување на истите. Изминативе осум години, од локалната власт се инвестирани 0 денари во противпожарна заштита. Приоритет ќе ни биде набавка на 3 теренски противпожарни возила. Промени во Чучер Сандево мора да има. Нашата визија е конкретна – патишта што ќе траат со децении, водоводи и канализации што ќе го вратат достоинството во секој дом, ефикасно улично осветлување, функционални комунални инспекции“, вели Бајовски.

Кандидатот за градоначалник на општина Чучер-Сандево истакна дека ќе се воведе дневен центар за пензионери, ќе се асфалтираат улици, но исто така и дека ќе се вложува во образованието и екологијата со ревитализација на речните корита, пречистителна станица и зелени рекреативни зони.

„Воведуваме дневен центар за пензионери, програма за домашна нега, поддршка на лицата со попреченост. Бесплатен одмор за дечињата од основните училишта, за дечињата во основните училишта од семејствата во социјален ризик. Имаме неискористен туристички потенцијал. Во програмата опфатени се сите населени места, 14 населени места со приоритетни проекти. Обновување на извори за вода, асфалтирање на преку 50 км улици во населени места каде што нема ниту еден метар асфалт. Ќе вложуваме во образование, дигитални вештини и проекти кои создаваат шанси за работа и претприемништво, пречистителна станица, ревитализација на речните корита, отстранување на дивите депонии и зелените рекреативни зони ќе станат приоритети“, рече Бајовски.