Нема вработувања по етнички клуч додека уставните судии не се произнесат за нивната уставност.

Алатката според која се вработуваше во последните десет години, е спорна за повеќето уставни судии, кои по долга расправа одлучија да се оформи предмет за иницијативата на Антикорупциската комисија, со која се оспоруваат одредбите за правична етничка застапеност во институциите.

Судиите од етничките заедници, Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдари, беа за отфрлање на иницијативата, односно, беа против воопшто да се разговара за неа.

Судијката Добрила Кацарска, пак, сметаше дека, наместо да се прифати иницијативата на ДКСК, треба да му се предложи на Собранието, да ја дорегулира одредбата за правична застапеност.

Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, беше со став дека треба да се формира предмет, но не само да се укине одредбата за правична застапеност, туку да се разгледаат и сите акти каде таа е предвидена. Смета дека балансерот не е уставен и предизвикува дискриминација при вработувањето.

Со истиот став, со мали разлики беа и судијките Ана Павловска-Данева, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска и Татјана Васиќ-Бозаџиева.

Антикорупциската комисија оспорува делови од три акти кои ги содржат заборовите „припадност на заедница“. Оспорен е член од Законот за вработените во јавниот сектор, член од Законот за административни службеници, членови од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас и таканаречениот Балансер.

Сметаат дека, со ова им се наметнува обврска на кандидатите, во пријавата за вработување да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Укажуваат дека, припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Не е ниту општ, ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со законите, а во суштина е елиминирачки предуслов, со што се нарушува начелото на стручност и компетентност.

Со ова се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, а на кандидатите им се ограничува и достапноста на секое работно место.