Стотици илјади луѓе во Бангладеш се зависници од јаба – опојна мешавина од метамфетамин и кофеин, која е достапна во вид на многу евтини црвени или розови таблети, објави Би Би Си.
Оваа дрога во Бангладеш се појавила во 2002 година и оттогаш се повеќе се употребува. Се произведува во големи количества во нелегални фабрики во Мјанмар, а во Бангладеш се внесува преку границата во југоисточниот дел на земјата, каде што се протега реката Наф.
Одговорот на Владата за кризата предизвикана од јаба бил многу жесток. Стотици луѓе се убиени во полициски акции.
Еден од поранешните зависници на оваа дрога, Мухамед, изјавил за Би Би Си дека бил буден од осум до десет дена кога активно користел јаба.
– Ја земав дрогата наутро, попладне и навечер, потоа доцна навечер и цела ноќ работев без да заспијам, раскажува Мухамед.
По повеќе денови без спиење, тој целосно колабирал.
– Ќе се онесвестев и целосно колабирав. Ќе се разбудев по два-три часа, јадев и повторно се враќав да спијам. Меѓутоа, во случај да имам кај себе јаба, земав уште. Дури и да имате една таблета, ќе ја испиете, наведува Мухамед.
Неговата зависност почнала додека работел во главниот град Дака.
– Работевме со увоз од Јапонија и се задржувавме до доцна поради временските разлики. Еден од колегите ми кажа за јаба. Ми рече дека ако ја земам, ќе можам да останам буден, ќе имам повеќе енергија и сила за работа наутро и доцна навечер, објаснува поранешниот зависник.
Според него, во почетната фаза од користењето на дрогата присутни се многу позитивни ефекти, меѓутоа тие кратко траат и доведуваат до промени во однесувањето и колапс.
Ефектите од дрогата ги објаснува и доктор Ашик Селим, кој се специјализирал за болести на зависности.
– Прво станувате дружељубиви, повеќе уживате во музиката, цигарите и сексот. Во Бангладеш постои многу нездрава поврзаност меѓу сексот и јабата – подолго сте будни, имате повеќе енергија, ви се зголемува самодовербата. Ако престанете да користите јаба, нема кризи. Таа не е како алкохолот или хероинот. Но нејзините ефекти се она што навистина предизвикува зависност. Ова е премногу опасна дрога, тврди доктор Селим за Би Би Си.