Бугарските власти побарале од Европскиот парламент одземање на пратеничкиот имунитет на европратеникот Илхан Ќучук врз основа на тужба што против него ја покренал еден од неговите локални асистенти, јави бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во ЕП.
Се очекува ваквото барање да биде разгледано за време на овонеделната сесија на Европарламентот, што почнува доцна попладнево во Стразбур.
Барањето за одземање на пратенички имунитет прво треба да биде разгледано од Комитетот за правни прашања на Европарламентот (ЈУРИ), чиј претседател е токму Ќучук.
Со цел да избегне каква било судир на интереси, според истите извори, Ќучук најавил дека ќе се изземе од целата процедурална постапка за неговиот случај и привремено претседавањето со Комитетот ќе му го препушти на еден од четворицата потпретседатели.
Ќучук, кој ги негира наводите во тужбата против него, е член на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент. За европратеник тој беше избран како кандидат на Движењето за права и слободи (ДПС), но го напушти поради несогласувања со неговиот лидер Дељан Пеевски и ја поддржа групата што се одметна од партија и која дејствува под името Алијанса за права и слободи (АПС).
Инаку, ДПС на Пеевски иако не беше дел од малцинската бугарска Влада во оставка на Росен Жељазков, сепак ја поддржуваше во Народното собрание, додека АПС беше дел од опозицискиот блок.




