Македонските фудбалски репрезентативци се во очекување на последниот дуел од квалификациите за Светското првенство.

Натпреварот на гости против Велс е последниот. Нашата репрезентација по седум одиграни дуели има три победи и четири нерешени резултати што значи дека сме без пораз. Ако продолжат македонските фудбалери со позитивните резултати, на крајот ќе бидеме подобро пласирани од утрешниот ривал.

-Сите го знаеме значењето на овој натпревар и можеме многу да добиеме. Треба прво да уживаме и да дадеме максимум. Без пораз сме долго време и треба утре да дадеме повеќе од што можеме. Често забораваме да уживаме во моментот. Некогаш од стрес, од притисок не уживаме во играта. Треба така да размислуваме и да бидеме релаксирани и сакам секој од нас да е горд и да уживаме на теренот. Кога мислам да уживаме мислам да се бориме, да трчаме, да оставиме срце на терен. Мислам дека Велс не игра како Белгија, но има агресивни фудбалери и ќе притисне многу високо. Нема да имаме премногу наши навивачи утре, но зад нас е цела една нација која ќе ни даде поддршка. Дај Боже на крај да се радуваме на позитивен резултат, изјави на прес конференцијата нашиот капитен Енис Барди.

Белгија е прва во групата со 15 бодови, пред Македонија и Велс кои имаат по 13. Нашата репрезентација има гол-разлика +9 (12:3), а Велс +4 (14:10).