Европските земји се подготвуваат да одговорат на сите форми на закани од страна на САД, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, алудирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд.

Француското Министерство за надворешни работи веќе работи на план за реакција кој ќе им овозможи на Франција и нејзините партнери да делуваат „убедливо и со влијание“, и тоа заеднички, а не поединечно. Министерот истакна дека покрај прашањето за Гренланд, Вашингтон неодамна наметна и економски санкции против европски личности, вклучувајќи го и поранешниот еврокомесар Тиери Бретон.

Баро најави дека за координираниот одговор денеска ќе разговара со колегите од Германија и Полска, нагласувајќи дека ова „трио има капацитет да ја води Европа“. И покрај тензиите, тој оцени дека САД остануваат силно посветени на НАТО алијансата.

Францускиот министер информираше дека разговарал со државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој го уверил дека Вашингтон исклучува воено сценарио за Гренланд, повлекувајќи паралела со настаните во Венецуела и фаќањето на Николас Мадуро, нагласувајќи дека таков развој не се предвидува за арктичкиот остров. Гренландските и данските власти побараа итни разговори со Рубио за да се разјаснат настанатите „недоразбирања“.

фото: архива