Шпанскиот фудбалски гигант Барселона ќе се жали до УЕФА поради судењето на вчерашниот меч со Интер кој заврши со победа на италијанскиот претставник со 1:0.
Во 90. минута од натпреварот од Лигата на шампионите, топката при едно нафрлување удри во раката на дефанзивецот на Интер, Дензел Дамфрис, кој се наоѓаше во сопствениот шеснаесетник. Откако ја погледнаа репризата на видеото, судиите предводени од Славко Винчиќ решија да не досудат удар од 11 метри во корист на Каталонците.
Барселона ќе поднесе формална жалба до УЕФА за судењето, пренесува „Ас“. Покрај тоа, клубот ќе побара нивните натпревари никогаш повеќе да не ги суди Пол ван Буекел, видео судија кој работеше и на натпреварот со Интер и на неодамнешниот натпревар со Баерн (0:2), каде што тој, според Барселона, не му доделил пенал на Усман Дембеле.
Исто така, ќе се побара да се разгледа и моментот кога беше поништен голот на Педри поради играње со рака од страна на Ансу Фати, како и ударот на Хакан Чалханоглу во нозете на Серхи Бускетс, за кој судијата покажа жолт картон.