Денеска нашата црква и христијаните го одбележаа денот на Марија Магдалена. Еве што за нејзината улога во животот на Исус Христос, за приказните дека му била жена на Исус и дека имала деца со него, зборува Барт Ерман, еден од најголемите светски експерти за Библијата, посебно за Новиот завет, иако станува збор за човек кој се откажал од својот „христијански фундаментализам“ како што самиот вели.

Барт ЕРМАН

Името на Марија Магдалена во Новиот завет се споменува 13 пати, а 12 од нив се во врска со смртта и воскреснувањето на Исус Христос. Значи, таа се споменува само еднаш во времето кога Исус проповеда и пред да биде уапсен од свештениците и изведен пред Пилат.

Тоа остава многу простор за шпекулирање која е всушност Марија Магдалена. Од друга страна битен аргумент е дека таа е првата која открива и дознава за воскресението на Исус, што значи дека е битна личност. Практично, со неа започнува христијанството. Ако основата на христијанството е воскресението на Исус, а таа е првата личност која тоа го дознала и обзнанила, ако таа е прва која открива дека гробот е празен и им соопштува на другите апостоли дека телото на Исус го нема и дека Исус воскреснал, тогаш врз основа на нејзината објава е создадена христијанската црква. И со тоа може да се аргументира дека христијанството започнало од Марија Магдалена.

И покрај тоа што постои раширено увервање дека таа била проститутка која станала блиска со Исус, нема докази за такво нешто. Во најстарите извори нема ниту еден доказ за тоа. Единстено што се вели е дека се вика Марија Магдалена. Името Марија е мошне често во тоа време, а Магдалена значи дека е од Магдала, рибарско село на брегот на Галилејското Море. Знаеме дека била опседната со седум демони, иако нема податоци за тоа каков бил карактерот на тие демони и знаеме дека Исус ја одлободил од нив. Занеме дека таа и поголема група жени го придружувале Исус за време на неговите проповеди и патувања, знаеме дека таа и жените ги помагале Исус и апостолите материјално, ги снабдувале со нешта кои им биле потребни и тоа е се. Нема никаков податок кој би сугерирал дека станува збор за проститутка.

Постои приказна за друга жена која го помазува Исус со масло и во едно од евангелијата е наречена грешница, па тоа наведува многумина да помислат дека станува збор за Марија Магдалена. Дополнително се претпоставува дека штом е грешна, таа жена мора да е проститутка, така што имаме две претпоставки кои водат кон погрешен заклучок: првата е дека грешната жена е Марија Магдалена, а втората е дека нејзиниот грев се состои во тоа дека таа е проститутка. Всушност станува збор за комбинирање на делови од различни евангелија од кои делови е создадена една мега приказна која не е вистинита.

Има и такви кои сметаат дека Марија Магдалена е жената која според Евангелието по Јован била фатена во неверство и донесена пред Исус со прашањето: Што да правиме со неа, дали да ја каменуваме? Всушност станува збор за замка: ако Исус одобри каменување, тогаш ќе го погази милосрдието за кое проповеда, ако каже да не биде каменувана, ќе биде обвинет дека го крши законот на Мојсеј. Всушност станува збор за една од најбавите приказни во Новиот завет.

На прашањето, Исус одговара тоа што на најголем број луѓе им е познато: Тој кој не згрешил, нека го фрли првиот камен!

По ова, толпата се разотидува, а Исус и вели на жената да си оди и да не греши веќе. Но, приказната ја нема во најстарите копии на Евангелието по Јован, Се сретнува подоцна, запишана на маргините на една копија, а потоа некој од наредните препишувачи ја вметнал во текстот од Евангелието. Тоа вметнување го направиле повеќемина, па во различни копии приказната се јавува во различни глави на Евангелието што е уште еден доказ дека ја нема во оригиналната верзија на Евангелието по Јован.

Но, никаде во оваа приказна не се споменува името на Марија Магдалена. Тоа е само уште една анонимна жена, а подоцнежната имагинација ја доведува оваа жена во врска со Марија.

Што се однесува до тоа дека Марија Магдалена имала некаква посебна врска со Исус, тоа е повторно дело на имагинација. Секаде во Новиот завет каде се споменува нејзиното име, таа е во друштво со други жени. На пример, во единствениот случај кога таа се споменува во текот на проповедите на Исус, значи во оној единствен случај од 13-те кој не е поврзан со распнувањето, погребот и воскресението, таа е заедно со Јоана и други жени. Тоа е поголема група на жени, можеби 10, 12 15 жени кои ги следат Исус и неговите апостоли. Значи, таа никаде не е сама со Исус.

И во останатите 12 други споменувања на нејзиното име, кога Исус е распнат, погребан, и кога го наоѓа неговиот гробот празен и кога е сведок дека тој воскреснал, таа не е сама, туку е заедно со други жени. Оттука, приказната дека таа е жена апостол која е посебно блиска со Исус, едноставно не е коректна, гледано од историски аспект. Тоа што е точно е дека таа игра посебна улога во подоцнежната ѕхрстијанска имагинација, па се создава своевидна легенда за развивање на некоја посебна врска меѓу Исус и Марија Магдалена, приказна која трае до денешните денови. Таа приказна е развиена и во разни дела како „Да Винчи кодот“ каде Марија е жена на Исус со која тој има потомство и тоа потомство е всушнст светиот грал.

Во раното христијансво дури е напишано и Евангелие по Марија Магделена. Тоа е гностичко Евангелие. Откриено е во доцните 1890-ти години и било однесено во Берлин. Поради двете светски војни и други катастрофи во тоа време, јавно е публикувано дури во 1955 година. Мошне е интригантно, зашто во него Марија Магдалена е централна фигура, не затоа што е партнер на Исус во смисла на сопруга или љубовница, туку затоа што Исус и открива посебни учења. Затоа е и наречено Евангелие по Марија Магдалена.

Суштината на Евангелието е дека по воскресението Исус се појавува пред апостолите, а потоа се вознесува, оставајќи ги во страв дека и ним ќе им се случи тоа што му се случило и нему, односно дека ќе бидат распнати. На тоа Марија им вели да не се грижат зашто ќе бидат заштитени. Тогаш Петар ја прашува за посебните откритија што Исус и ги кажал, па Марија раскажува за визијата што ја имала со Исус. Но, за жал токму тука недостигаат четири страници од Евангелието и тоа продолжува после тие четири страници. Марија раскажува како душата може да се вознесе на небото и да ја избегне замката во која се наоѓа, а тоа е телото н Земјата и завршува со визијата која Исус и ја доверил. Тоа предизвикува дебата меѓу апостолите за тоа зошто Исус не им го доверил ова ним, туку на една жена, за на крај Петар да каже дека не верува во приказната на Марија Магдалена зашто Исус не би и го доверил тоа на неа, прескокнувајќи ги нив. Сепак, на крај станува апостолот Матеј кој вели дека го профаќа кажаното и дека тие треба да одат да ги проповедаат евангелијата, а не да се расправаат.

Марија Магдалена се споменува и во Евангелието по Тома, уште едно гностичко Евангелие. Овде се среќаваме со своевидна дебата меѓу Исус и Петар околу Марија Магдалена и околу тоа што и зошто Исус и открил, што значи дека гностичкото Евангелие по Марија Магдалена не единственото во кое се среќава таа тема. Евангелието по Тома има 114 кажувања на Исус. Нема приказна, нема наратив, нема настани, едноставно, тоа се 114 изреки кажани од Исус или барем така тврди авторот. Во последната, 114-та, Петар вели дека Марија треба да го напушти собирот на апостолите зашто е жена, а на жените не им е дозволено да имаат вечен живот. На тоа Исус одговара дека од неа ќе направи маж, бидјеќи секоја жена која ќе стане маж ќе добие дозвола да влезе во рајот. Ова е интересен пасус кој покажува дека во раното христијанство не сите ги сметале жените еднакви со мажите.

Интересно е дека Исус вели дека тие ќе бидат еднакви и ќе го имаа своето место во рајот, но откако ќе бидат претворени во мажи. Има многу дискусии меѓу научниците што ова значи. Но најдобар начин да се сфати ова е да се стави во антички контекст кога луѓето имале различни поимања од тие што ги имаме ние денес. За нас денес, да бидеш човечко суштество, значи да бидеш дел од суштества кои се делат на мажи и жени. Во античко време сфаќањето било дека постојат растенија, животни, луѓе и богови, а најперфектно суштество на Земјата е моќниот маж кој е супериорен во однос на другите човечки суштества (боговите се поперфектни, но не се на земјата). Послабиот маж е помалку перфектен, а жените се помалку перфектни од мажите. Античките луѓе сметале дека жените се мажи чии мускули не се развиле, чии бели дробови исто така не се развиле во доволна мера, што значи дека тие се неперфектни мажи. Тоа се мажи, ама помалку перфектни и од слабите мажи.

Е сега, согласно тезата за континиум, послабите мажи треба да станат силни, поперфектните и посилните мажи треба да станат богови, а жените, за да дојдат до таму, треба прво да станат мажи. Значи станува збор за сфаќање кое е различно од нашето денешно поимање на мажите и жените. Тоа е тоа и на што Исус мисли дека Марија прво мора да стане маж.

Што се однесува до сфаќањата и верувањата кои се јавуваат во денешни времиња дека Исус и Марија биле маж и жена, дека имале ќерка Сара, дека Марија побегнала со Сара во Франција итн., се се тоа измислени приказни, најпрво во книгата „Светиот грал“, а потоа во „Да Винчи кодот“. Не постои било каков извор, податок и сл. врз основа на кој може да се поткрепи такво верување.

Физичката врска меѓу Исус и Марија Магдалена се споменува и во гностичкото Евангелие по Филип. Тоа е откриено во 1945 година, а станува збор за два пасуса. Во едниот се наведува дека таа е „companion“ на Исус, а потоа во „Да Винчи кодот“ се вели дека зборот companion на арамејски значел „сопруга“. На прв поглед ова делува убедливо, но проблемот е што Евангелието по Филип првично е напишано на коптски јазик, а не на арамејски. Кога ќе го трансформирате сето тоа на старогрчки јази го добивате зборот „придружник“, а не „сопруга“.

Вториот пасус исто така е злоупотребен од „Да Винчи кодот“ во смисла дека Исус и Марија имале некаква врска. Во пасусот се вели, однос се добива впечаток дека Исус да ја бакнува Марија. Но, работата е во тоа што Евангелието е полно со дупки, делови кои недостигаат, а тој стих всушност гласи вака:

„И придружникот на…“ па има празнина, следниот дел недостига, па продолжува „…Марија Магдалена…“ па има дупка, „… не повеќе од учениците…“, пак пак има дупка во манускриптот „…ја бакна…“ па празнина „.. на нејзините…“ празнина.

Значи имаме:

„И придружникот на… Марија Магдалена… не повеќе од учениците… ја бакна… на нејзините…“.

Ете тоа е тоа. И можеби изгледа дека Исус ја бакнува Марија Магдалена и од ова некои изведуваат заклучок дека Исус и Марија имале врска како маж и жена. Но во ова Евангелие се зборува за бакнување и во претходните редови, во друг пасус, и станува јасно дека кога се зборува за бакнување се зборува за начин на кој Исус го пренесува, го предава учењето.

Бакнувањето тука не е некаква сексуална врска, туку начин на кој христијаните симболично си ги предавале откровенијата еден на друг. Ги кажуваш зборовите на Бога на друг, а потоа го бакнуваш како знак дека му ги пренесуваш учењата, откровенијата. Оттука и бакнувањето на Марија од страна на Исус едноставно значи дека тој и пренесува вистината, но не значи некаква сексуална врска.

Кога се ќе се собере, може да се заклучи дека Марија е следбеник на Исус. Тој имал многу повеќе следбеници од 12-те апостоли. Таа е со него и во последните денови од неговиот живот со други жени и мажи, била со него и при распнувањето, го видела погребот и според евангелијата таа е една од жените која го открива празниот гроб во неделата наутро. Таа е првата која обзнанува дека Исус воскреснал, па според мене таа е жената од која започнува христијанството. Оттука, таа е извонредна значајна од историски аспект за денешната форма на цивилизација што ја живееме, Тоа не значи дека била мажена со Исус, дека имале деца со него итн.