Обединувањето на демократите врз основа на нивните придонеси е приоритет на Демократската партија, наведе во првата реакција поранешниот лидер, Сали Бериша, по одлуката на Љуљзим Баша да поднесе оставка од функцијата претседател на Демократската партија.
Во објава на Фејсбук истакна дека „враќањето на слободниот глас на секој демократ и признавањето на придонесите на сите е единствениот начин кој носи единство, а потоа и победа на ПД“.
Меѓу другото, Бериша ги поканува демократите да работат заедно за пообединета, посилна и поотворена Демократска партија.
-Да живее Демократската партија, напиша поранешниот лидер на Демократската партија, притоа не спомнувајќи го Баша.
Баша соопштувајќи ја одлуката истакна дека донел одлука да направи чекор назад со оставка од функцијата, но ќе продолжи да работи за обединување на демократите и издигнување на ПД по тешката криза во која се наоѓа, без, исто така, да го спомене Бериша.
Реагираше и демократскиот пратеник Ервин Салијањи кој оставката на Баша ја оцени како „добредојден, но задоцнет чин“, додавајќи дека „патот на ПД сега ќе биде кон обединување“ и посака да нема дополнителни пречки.
Според статутот на партијата, лидер се избира според начелото „еден член, еден глас“, а за денот на изборот одлука треба да донесе Националнот совет на партијата.
Според член 46 од статутот, генералниот секретар на партијата треба да го свика совет, кој треба да одлучи и за тоа кој од потпретседателите ќе ја предводи партијата до изборот на нов лидер. (МИА)