Жителите на главниот град кои летово нема да заминат на одмор ќе можат да се разладуваат во Олимпискиот базен „Центар“, Аквапаркот, базенот во СЦ „Борис Трајковски“, Воениот базен во Аеродром и базенот „Расадник“.
Надлежните од базените велат дека водата е најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и оти има интерес од посетителите. Во ниеден од базените не е дозволено внесување храна, вода, пијалаци, затоа граѓаните треба со себе да си понесат дополнително повеќе пари. Во некои базени задолжитечно е носење капа за пливање.
Олимписки базен „Центар“
Раководителот на Олимпискиот базен „Центар“, Мартин Маневски, за МИА изјави дека овој базен е со најдолго искуство во пливачките спортови во нашата држава.
– Базенот работи преку целата година со константна температура на водата согласно правилниците на Светската пливачка федерација и Европската пливачка федерација за да овозможиме најдобри услови за нашите посетители. Работното време преку целата година е секој ден освен понеделник. Во летниот период работиме од 7:00 до 17:00 за рекреација (утринска и дневна), од 17:00 до 20:30 со школи за пливање и пливачки клубови и од 20:30 до 23:00 рекреација – ноќно капење, изјави Маневски.
За време на дневната рекреација, која е популарна опција за граѓаните да се разладат во овие жешки скопски денови, работи и терасата, каде што имаме бесплатни лежалки и чадори за посетителите, а работи и шанкот со ладни пијалаци, сокови и храна.
На базенот „Карпош“ рекреативниот период е од 07:00 до 17:00 и од 21:00 до 23:00 часот од понеделник до петок. Во сабота и недела, пак, базените за рекреација работат од 07:00 до 23:00 часот. Во детскиот базен може да се прослави и спортско-рекреативен роденден за деца, со тренер и аниматори.
Дневниот билет чини 200 денари, а месечниот 1.200 денари за период од 07:00 до 12:00. Пакетите за базен може да се комбинираат и со сауна, вежбалница и аеробик. Во рамки на базенот и тениските терени има кафуле, каде што посетителите можат да се освежуваат.
Базенот „Карпош“ поради големиот интерес летово ќе може да се користи секојдневно за рекреативно пливање од 8:00 до 23:00 часот. Задолжително е носење капа за пливање.
Базен „Аеродром“
Скопјани можат да се разладуваат и во базенот „Аеродром“, односно во малиот и големиот базен. Посетителите можат да купат кафе или други пијалаци на барот покрај базенот или да одиграат партија одбојка на песок…
На веб-страницата на базенот се наведува дека целиот комплекс е комплетно реновиран пред почетокот на летото во 2013 година. Воведен е систем за прецизно филтрирање на водата, а во рамки на базенот работи и стручен спасувач, кој се грижи за безбедноста на сите посетители… Базенот работи секој ден од 10 до 18 часот. На фејсбук-страницата на базенот е најавено дека поради високите температури се продолжува работното време до 19:30 часот.
Ќе се градат 14 пливачки базени
Граѓаните очекуваат изградба на 14 пливачки базени. Одлуката за градба на базените беше донесена на владина седница во април годинава, за што се обезбедени средства во износ од 30.000.000 денари.
Базени ќе се градат во Чаир, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Штип, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Тетово, Кичево, а општините треба да предложат локација и да обезбедат одобрение за градба.
Повеќе можности за разладување
Граѓаните исто така имаат можност да посетат повеќе скопски населби и села каде што се лоцирани угостителски објекти што имаат базени и нудат разладување за своите гости. Оние што можат да си дозволат, можат да набават базени за своите дворови со различни димензии.
Во центарот на градот, спасот од горештините децата Ромчиња често го гледат во градските фонтани… Оваа слика за нас станува секојдневие, додека туристите застануваат и гледаат со неверување.
Оние што сакаат природа можат да уживаат во сенките на Градскиот парк, да ја посетат Матка, езерото „Треска“, парк-шумата „Гази Баба“, да одат на Водно… Што и да изберат граѓаните, неопходно е да ги почитуваат препораките од надлежните за заштита од топлото време.
МИА