Блерим Беџети ги потврди разликите во „Огнената група“ за евентуално формирање нов политички субјект од фракцијата на ДУИ. Беџети во изјава за МИА вели дека прашањето треба да се реши внатре во партијата.
„Има разлики меѓу нас. Ние сме фракција во ДУИ и инсистираме овие прашања да се решава со аргументи во рамките на Демократската унија за интеграција. Јас, Муса Џафери и Невзат Бејта сме против создавање нов политички субјект. Нема потреба од формирање нова политичка партија. На овој начин ќе се подели албанскиот електорат“, изјави Блерим Беџети, фракција во ДУИ.
Ваквиот став на Беџети се потврдува со она што го изјави Изет Меџити пред неколку дена, според кое се исцрпени сите можности за делување во ДУИ.
„Со ваквиот начин на организирање внатрепартиски избори, што значи и формално исклучување за нас, веќе се исцрпени сите опции за функционирање внатре во партијата, а точно е дека искреното членство кое не поддржува, а го има многу, бараат рефлектирање и делување, во тој случај сите опции се на маса, вклучително и формирање на ново политичко движење“, рече Изет Меџити, фракција на ДУИ.
Страните изјавија дека во следниот период ќе седнат, ќе ги стават сите идеи на маса и ќе донесат одлука.