„Дали плаќаме поскап или поевтин гас ќе видиме на крајот на грејната сеозна. Според ЕСМ, лани, кога имаше монопол, плаќавме многу поскапо, а сега има конкурентност и ги повикувам сите што имаат лиценца за снабдување да се пријават и да дадат понуда, а не да кажуваат цени и понуди кога ќе заврши повикот“, одговори министерот за економија Крешник Бектеши на прашањето дали беше погрешна одлуката на ЕСМ за склучување месечен договор по фиксна цена од 98 евра кога на берзата цената е пониска, додека „Макпетрол” пак објави за февруари за 40 отсто пониска цена.
„За мене како министер за економија, но убеден сум и за Владата, најважно е да ја поттикнеме конкурентноста, да не дозволиме во одредени сектори да има монопол како што беше претходно со природниот гас. ЕСМ објави јавен повик за февруари, имало двајца понудувачи меѓу кои мислам дека не бил „Макпетрол”. Ако имаат подобри цени и услови, ги повикувам да учествуваат на повикот и секако, оној што има најниска цена и нуди подобри услови, законски ќе го добие повикот, потенцира Бектеши.
Тој на новинарката што го постави ова прашање, а која не беше од телевизија Телма, најпрво ѝ одговори дека веројатно има добра соработка со колегите.
„Добра соработка веројатно имате со колегите, ви ги даваат нивните прашања што сакаат да ги постават, но нема проблем, тука сум и секогаш отворен транспарентно да одговорам“, истакна Бектеши.
На тоа реагираше новинарот од Телма кој присуствуваше на прес-конференцијата, кој рече дека е тоа безобразен однос од министерот,.на што Бектеши посочи дека „не е место тука да се даваат коментари, туку да се поставуваат прашања”.
„Не сте тука повикани да давате коментари, туку да поставувате прашања Ако мисите дека во прес центарот може да давате коментари, тоа може да го направите во вашите емисии, не е тука местото да се дебатира, туку да се поставуваат прашања, а наше е да одговориме и како сакаме да одговориме“, рече Бектеши кој сепак потоа јавно се извини.
Тој рече дека не е навреда ако некој со некого има одлична соработка.
„Ако мислите дека е навреда, се извинуваме, но мислам дека не е навреда да се кажува дека луѓе или одредени институции, правни субјекти, соработуваат одлично меѓу себе. Како што ние имаме одлична соработка, на пример, со Министерството за енергетика во Турција и вие како институција може да имате соработка. Можеби за вас изгледа иронично, ако е така се извинуваме. Но кога има одлична соработка меѓу две приватни лица или институции мислам дека не е навреда“, повтори Бектеши.