Застој на протокот на македонското брашно кон Косово има поради дополнителни проверки дали преку Северна Македонија се врши реекспорт на брашно од Србија.
За проблемот се запознати властите во земјата и веќе е стапено во контакт со одговорните на Косово.
Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека проблем постои за што веќе разговарал со производителите на брашно во земјава и стапил во контакт со колегата од Косово.
Како што изјави одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Стопанската комора со Групацијата на преработувачи на месо, добил уверување од косовскиот колега дека проблемот ќе биде разрешен за неколку дена.
-Ние се грижиме за секој сектор што покажува и фактот дека заедно со министерот за земјоделство кога се воведе царина стапивме во контакт и го решивме проблемот, истакна министерот.
Тој оцени дека билатералните работи што ги имаат другите држави да не влијаат врз нашите производи.
Од Министерството за економија наведуваат дека последните информации од Царината посочуваат дека нема застој на граничниот премин, ниту вратени камиони.
Откако се воведени царините на Косово во ноември и декември од Македонија се увезени на Косово 2416,6 тони брашно во вредност од 672071 евра. Вкупниот извоз во првите 10 месеци од минатата година е 38,6 тони брашно.