Агендата за економски реформи на Македонија, вклучувајќи ги предизвиците и можностите што таа ги нуди беше во фокусот на работната средба на министерот за економија Крешник Бектеши и членовите на Делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО, предводена од заменик-претседателот Матео Луиџи Бјанки, која беше во дводневна посета на Македонија, информираат од Министерството.
Министерот Бектеши нагласи дека влезот во НАТО ја осигура стабилноста и безбедноста на државата што придонесе за рекорден раст на инвестициите од над 624 милиони евра, од кои најголем дел се од ЕУ, САД и Турција, што ги отвара вратите за нови и добро платени работни места, зголемен животен стандард и постепен економски раст.
Делегацијата покажа интерес за приоритетните сектори на кои ќе им се даде посебна важност во наредниот период и кои ќе значат напредок, силна економија и нови перспективи за младите. Според Бектеши, во фокусот на вниманието се енергетиката, индустријата и инвестициите, а со оглед на фактот што Македонија е мала земја, членството во големите асоцијации значи економска и политичка стабилност, што се рефлектира во сите сфери на живеењето.
Бектеши се заблагодари за посетата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното собрание на НАТО, која се реализира во период важен за нашата земја, кога веќе осум земји членки на НАТО го ратификуваа протоколот за полноправно членство на Македонија, изразувајќи поддршка на нашите евроатлантски перспективи, се наведува во соопштението од Министерството за економија.