Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски денеска треба да одржат состанок со една од компаниите за набавка на природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На состанокот кој ќе се одржи надвор од земјава, ќе присуствува и Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот.
Како што рече министерот Бектеши во синоќешното телевизиско гостување, се очекува конкретна понуда од компанијата. Ќе се разговара за детали, а јавноста ќе биде информирана и за понудата и за тоа како течеле преговорите.
Од македонска страна се пратени количните и потребите, вклучувајќи ги и потребите на ТЕ-ТО.
-На состанокот ќе разговараме за детали, имајќи предвид дека ако има таков договор и ако деталите, условите, понудата генерално е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас. За да се подготви состанокот, од наша страна се пратени и количните и потребите на С. Македонија, вклучувајќи ги и потребите на ТЕ – ТО која произведува електрична енергија, а воедно како нуспроизвод произведува и топлинска енергија, генерално за да бидат информирани граѓаните точно, околу 60 отсто од топлинската енергија за потребите на град Скопје кога работи во базен режим се произведува од ТЕ-ТО која и намалува после трошоците на другите топлани, „Исток“ и „Запад“ информира министерот.
Според него, со другата компанија посочена од опозицијата за набавка на мазут, состанок би требало да се одржи до крајот на оваа недела.
Тој уште еднаш апелира граѓаните да не се грижат зашто ќе има топлинска и електрична енергија.
ЕСМ вчера соопшти дека обезбеди гас до крајот на октомври, како и дека грејната сезона во Скопје ќе почне на 15-ти овој месец.
-На почетокот на грејната сезона системот ќе работи на природен гас, осносно обезбеден е гас од „Макпетрол“ до крајот на октомври по цена од 1713 евра за 1000 нормални метри кубен гас. За до крајот на грејната сезона концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависнот од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрана ТЕ – ТО, која како нуспроизвод од производството на електрична енергија испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје, информира компанијата.
Двете топлани кои АД ЕСМ ги има под закуп, имаат технички опции за различни погонски енергенси.
Енергетската криза е во фокусот и на македонските разговори во Прага каде се одржува првиот состанок на Европската политичка заедница.
Премиерот Димитар Ковачевски кој во Прага е заедно со министерите за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бујар Османи и Љупчо Николовски, беше дел од лидерската тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата. Тој, како што соопштија од Владата, ги истакна позициите, моменталната состојба во земјава, како и очекувањата и неопходноста од соработка за надминување на енергетската криза.