Пролонгиран е рокот до 30 април за аплицирање за мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март, а новина е што работодавачите ќе може да аплицираат и за двата месеци наеднаш. Штом ќе бидат изгласани Законите од пратениците и објавени во Службен весник, веднаш ќе стапат во сила со што ќе почне реализација на мерките, кажа министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерот Бектеши во гостувањето на Телевизија 24, рече дека пакетот закони кои произлегуваат од Петтиот сет мерки за поддршка на економијата, во текот на утрешниот ден ќе бидат ставени на дневен ред на седница во Собранието, со што конечно ќе се очекува да бидат изгласани, пред сè Законот за финансиска поддршка на исплата на плати.
Бектеши потенцираше дека во петиот сет не е само мерката за финансиска поддршка за исплата на плати, туку има и низа други мерки кои што значат индиректна поддршка на компаниите и фирмите.
– Првите четири сета мерки се во вкупна вредност од 860 милиони евра, веќе реализирани, а треба да се знае дека има различни мерки, односно или државата се откажува од приходи или има директна финансиска поддршка од буџетот или одложување на плаќање на одредни давачки кои треба да ги платат граѓаните и компаниите. Тоа беше и нашата цел и повикот до опозицијата да ги одблокираат законите во Собранието, бидејќи имаме Закони кои уште не се донесени, а требаше да се реализираат минатата година, кажа Бектеши.
Министерот информираше дека во моментов се подготвува нов дополнителен пакет мерки за поддршка на дејностите кои што се се затворени со одлука на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести како што е угостителскиот сектор.
– При крај е пакетот, најверојатно следната недела ќе го објавиме и ќе почнеме со реализација.Ќе се земе во предвид просекот на приходи кој компаниите од овој сектор ги пријавиле во првиот квартал годинава, одреден процент директно како грант ќе ги превземе Владата и ќе се земат во предвид деновите кои биле затворени односно не работеле“ кажа министерот и додаде дека се работи за дополнителна мерка за угостителството, која што не беше предвидена во Петтиот сет мерки на Владата
Рокот за аплицирање, како што извести министерот, е продолжен поради тоа што овие закони беа подолго време блокирани од опозицијата со амандмани, затоа тој ги повика сите работници да не потпишуваат бланко откази бидејќи и по блокадата на мерките во Собранието, конечно ќе си ги добијат платите.