Американскиот претседател Доналд Трамп вчера имаше „неформален разговор“ со рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролката на Белата куќа Сара Сакаби Сандерс.
Таа додаде дека двајцата претседатели разговарале за време на вечерата на Самитот на Г-20 во Буенос Аирес.
– Како што е вообичаено на мултилатералните собири американскиот претседател и првата дама имаа повеќе неформални разговори со светските лидери за време на вечерата, вклучително и Путин, истакна Сандерс.
Претходно, советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков изјави дека Путин и Трамп вчера имале куса средба на маргините на Самитот на Г-20 во Аргентина,
Ушаков додаде дека тој се сретнал со советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон.
– Русија и САД се подготвени да ги продолжат контактите, наведе Ушаков.
Но, тој посочи дека „не е сигурен кога би можело да биде одржан нов состанок меѓу Путин и Трамп“.
Во меѓувреме американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Трамп е подготвен да се сретне со Путин, но откако Русија ќе ги ослободи украинските морнари кои се уапсени за време на инцидентот во близина на Крим и да ги врати запленетите украински воени бродови.
– Претседателот Трамп изјави дека сака состанок и разговор со претседателот Путин. Многу тоа е потребно за заедно да изнајдеме пат по кој ќе продолжиме понатаму, има многу места на кои Американците се под ризик, посочи Помпео