Соединетите Американски Држави непосредно пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Украина воспоставиле контакт со Русија, јавува агенцијата Асошиејтед прес.

Повикувајќи се на извор во Белата куќа, американската новинска агенција наведе дека причина за повикот до Москва била да се исклучат грешки кои би можеле да доведат до директна конфронтација на двете нуклеарни сили.

„Белата куќа не изнесе детали, но изјави дека основната комуникација со руската страна била за да се исклучат конфликтни ситуации непосредно пред посетата на Бајден, а со цел да се избегнат грешки кои би довеле до директен конфликт на двете нуклеарни сили“, наведува АП.

Американскиот претседател денес ненајавено го посети Киев и се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Пред неговото доаѓање, кога официјално не се знаело дека Бајден ќе пристигне утрото, главниот град на Украина бил целосно блокиран, а низ градот се слушале сирени за воздушна опасност.