Американските разузнавачи тврдат дека Иран обезбедува материјали за изградба на производствен погон во Татарстан, источно од Москва, кој би можел да биде оперативен на почетокот на следната година.
Русија добила стотици беспилотни летала од Иран, како и опрема за производство на беспилотни летала, соопшти Белата куќа.
„Тоа е целосно одбранбено партнерство кое е штетно за Украина, соседите на Иран и меѓународната заедница“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби. Иран претходно соопшти дека ѝ испорачувал беспилотни летала на Русија пред почетокот на војната, но не и потоа.
Повикувајќи се на неодамна декласифицираните информации, Белата куќа соопшти дека дронови или беспилотни летала (UAVs), произведени во Иран и транспортирани преку Каспиското Море биле користени од руските сили против Украина.
„Во последните недели Русија употреби ирански беспилотни летала за да го нападне Киев и да го тероризира украинското население, а се чини дека руско-иранското воено партнерство се продлабочува“, рече Кирби.
„Загрижени сме и што Русија соработува со Иран во производството на ирански беспилотни летала во Русија“, се вели во соопштението. Поддршката меѓу двете земји тече на двата начина, рече Кирби, а Иран бара од Русија воена опрема вредна милијарди долари, вклучувајќи хеликоптери и радари.
„Русија му понуди на Иран невидена одбранбена соработка, вклучувајќи проектили, електроника и противвоздушна одбрана. Ние продолжуваме да ги користиме сите алатки што ни стојат на располагање за да ги разоткриеме и попречиме овие активности, вклучително и споделување на ова со јавноста – и ние сме подготвени да направиме повеќе“. рече тој..
Кирби рече дека трансферите со беспилотни летала се кршење на правилата на Обединетите нации и дека САД ќе се обидат да ги повикаат двете земји на одговорност. САД претходно санкционираа ирански компании за снабдување со беспилотни летала за Русија.