Белта куќа изрази надеж дека Русија и Украина ќе се сретнат следната недела во Истанбул и ќе продолжат со директни преговори со цел да се постигне напредок кон завршување на војната, пренесува агенцијата „Анадолија“.

„Колку што јас разбирам, а на тоа и се надеваме, дека Русија и Украина ќе учествуваат во директни разговори и преговори следната недела во Истанбул. Веруваме дека тој состанок ќе се одржи, а тоа е состанок што претседателот го поддржа и силно го застапуваше за двете страни да се сретнат и директно да преговараат“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Таа додаде дека американскиот претседател, Доналд Трамп, од почетокот на војната јасно ставил до знаење дека сака решение на преговарачка маса, а не на бојното поле: „Тоа им го кажа и на двајцата лидери, и јавно и приватно. Значи, се надеваме дека следната недела ќе направиме чекор напред.“

Левит додаде дека нема планови претседателот да испрати американски претставник на преговорите, но не ја исклучи таа можност.

Втората рунда директни преговори меѓу Русија и Украина е предложена за 2 јуни во Истанбул, откако двете страни се сретнаа на 16 мај. Тогаш, меѓу другото, се договорија за размена на заробеници и за подготовка на нацрт-документи за понатамошни мировни чекори.

Додека Русија најавува дека ќе го претстави нацрт-документот на преговорите, Украина бара да го добие однапред, пред самата средба.

Кремљ го оцени ставот на Украина како неконструктивен.