Американскиот претседател Доналд Трамп сака Иран да знае дека „сите опции се на маса“ за да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Таа им рече на новинарите дека Трамп верува во дипломатијата, наведувајќи дека крајната цел е да се осигура дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје.

Левит истакна дека Иран ќе претрпи „пекол“ доколку не се согласи со барањето на Трамп. Американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот изјави дека САД и Иран во сабота во Оман ќе одржат директни разговори за иранската нуклеарна програма.

„Се надеваме дека ова ќе доведе до мир. Бевме многу јасни дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје и мислам дека тоа е она што доведе до овој состанок“, рече Рубио за време на состанокот со кој претседава Трамп.

Во меѓувреме, портпаролката на Стејт департментот Тами Брус во четвртокот рече дека состанокот во сабота во Оман ќе ја покаже позицијата на Иран.

Брус не ја исклучи можноста за понатамошни разговори меѓу САД и Иран. Разговорите меѓу американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и висок ирански функционер се закажани за сабота во Оман.