Белата куќа соопшти дека верува дека судовите во САД на крајот ќе го поддржат указот на претседателот Џо Бајден за задолжителна вакцинација во компаниите кои имаат повеќе од 100 вработени.
Таа одлука веќе е стопирана од конзервативниот федерален апелациски суд, пишува Гласот на Америка.
Шефот на кабинетот на Белата куќа, Рон Клајн, изјави за Ен-Би-Си дека е „убеден дека, на крајот, судовите ќе одлучат во полза на уредбата за задолжителна вакцинација“.
Указот на Бајден се однесува на 84 милиони луѓе во приватниот сектор и стапува во сила на 4 јануари.
Претходно беше донесена одлука за задолжителна вакцинација на вработените во државните институции до 22 ноември, што е околу четири милиони луѓе.
На вработените во приватните компании им се остава можност наместо вакцинација често да се тестираат, додека вработените во јавниот сектор ја немаат таа опција.