Белата куќа во понеделник соопшти дека се водат „чувствителни дискусии“ околу предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
„Можам да ви кажам дека се водат некои многу чувствителни дискусии, но секако не сакам да ги превенирам најавите од оваа говорница. Ќе им го оставам на специјалниот пратеник (Стивен) Виткоф и на претседателот на Соединетите Американски Држави да се справат со тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на редовниот брифинг за медиумите.
Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека палестинската група веројатно ќе го отфрли мировниот план на американскиот претседател, тврдејќи дека тој „им служи на интересите на Израел“ и „ги игнорира интересите на палестинскиот народ“.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, објавен во понеделник, предлага крај на конфликтот меѓу Израел и членовите на палестинската милитантна група Хамас, како и враќање на сите заложници што ги држи групата, мртви и живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел.
Планот, меѓу другото, предвидува дека израелските сили ќе се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.
Според планот, Појасот Газа би бил ставен под контрола на меѓународно тело, предводено од Трамп, а во кое би бил вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.