Вирологот Марк Ван Ранст, еден од најистакнатите членови на експертските групи за Ковид-19 во Белгија, се наоѓа на безбедно место додека полицијата трага по поранешен војник, кој на виролог му упатил сериозни смртни закани, јави дописничката на МИА од Брисел.
Разузнавачките служби на Белгија веќе подолго време предупредуваат дека одредени екстремистички групи претставуваат закана за експертите членови на кризните штабови за Ковид-19.
Белгиската полиција цела ноќ трага по поранешен војник, кој е тешко вооружан и преставува опасност по животот на докторот Ван Ранст.
Изминатата ноќ било пронајдено возило близу холандската граница, а во него се наоѓала тешка артилерија, по што било однесено во експертска лабораторија, наведува полицијата.
Обвинителството утрово потврди дека човекот по кого се трага се уште не е пронајден.
Лицето се смета за опасно, потенцијално насилно и е блиско до екстремната десница.
Според судски извори, човекот оставил писмо во кое наведува дека е “подготвен на конфронтација до смрт“ и повеќе пати до сега им се заканувал на повеќе научници.
Вирологот Ван Ранст преку социјалната мрежа Твитер, откако беше сместен на безбедно место, порача дека не се плаши.
„Да се биде против мерките Ковид-19 и вакцините пречесто се совпаѓа со глорификација на насилството и обичниот расизам. Не сум изненаден што заканите доаѓаат речиси исклучиво од тие средини“, напиша Ван Ранст.