Покрај машкиот и женскиот пол државјаните на Белгија ќе можат да се идентификуваат како небинарни (Х) во личните документи, јави дописничката на МИА од Брисел.
Одлуката беше потврдена од страна на белгискиот министер за правда, Винсент Ван Квикенборн, по пресуда на белгискиот Уставен суд.
Владата почна да работи на нов законски текст кој ќе им овозможи на граѓаните да се регистрираат како пол “Х“.
Уставниот суд на Белгија укина одредби од законот познат во јавноста како “трансродов закон“ од 2017, оценувајќи ги како неразумни и дискриминаторски. Судот во својата одлука оцени дека бинарните категории, маж и жена, во матичните изводи се недоволно прецизни и побара од законодавниот дом да го внесе принципот на самоопределување.
Запрашан за коментар, министерот порача дека е “свесен“ за тоа дека прашањето е “чувствително“ од етичка гледна точка.
-Сакам парламентот да биде инволвиран и се надевам дека дебатата ќе може да се оди отворено и слободно, рече министерот за правда.