Откако исчезна кон крајот на минатиот месец, вооружениот војник со прекар „белгискиот Рамбо“, кој му го дадоа медиумите, идентификуваше десет лица кои планира да ги убие, напишал тој во своите писма.
Според локалните медиуми, 46-годишниот десетар Јирген Конингс и оставил писмени пораки на својата поранешна сопруга пред да исчезне, поврзани со план за следење на високи функционери во Белгија. Конингс составил список на потенцијални цели, меѓу кои е и еден од најистакнатите белгиски експерти за Ковид-19, Марк Ван Ранст и министерката за одбрана Лудивајн Дедондер. Конингс е осомничен и за планирање напад врз џамија.
Меѓу луѓето кои се под зголемена заштита се и поранешната сопруга на Конингс и адвокатот вклучен во нивниот развод. Полицијата, наводно, обезбедила дополнително обезбедување и на високи лица во белгиската армија, одговорни за разрешувањето на Конингс поради неговите политички ставови минатата година.
Стотици офицери се вклучени во потрагата по Конингс, за кого се тврди дека има крајно десничарски ставови и омраза кон кампањата за вакцинирање против Ковид-19.
Конингс беше следен од белгиската агенција за антитероризам. Откако исчезна, вооружен со тешко оружје, министерката Дедондер вети дека ќе го измени законот, со цел воениот персонал да има потежок пристап до арсеналите на оружје без повисоко ниво на безбедност.
Потрагата по Конингс сè уште трае.