Претседателката на српскиот парламент Маја Гојковиќ изјави денеска дека не е вистина оти нема дијалог меѓу власта и опозицијата и дека многу „прашина“ се подигнала поради „35-те пратеници кои повремено не учествуваат во работата на Парламентот”.
– Постои дијалог меѓу парламентарните групи кои ја поддржуваат владата и поголемиот дел од опозицијата кој учествува во работата на Парламентот. Многу прашина се подигнува што 35-те пратеници повремено не учествуваат во работата, што не претставува ниту бојкот ниту знак дека нема дијалог, кажа Гојковиќ за РТС, потсетувајќи дека пред два дена ги повикала сите парламентарни групи во вторник да разговараат како да ја подобрат работата на Собранието.
Што се однесува до барањата на синоќешниот протест на опозицијата, меѓу кои е и формирањето комисија за фер и чесни избори, Гојковиќ истакна дека тие се бесмислени.
– По неочекувано малиот број граѓани на завршниот митинг, тие изнесоа апсолутно бесмислени барања кои немаат никаков смисол, но дефинитивно ќе зборувам со претседателот на Република Србија за сè, рече Гојковиќ.
Таа објасни дека ова е предизборна година и дека изборните закони не можат да се менуваат неколку месеци пред изборите.
Коментирајќи го барањето за избор на нов состав на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и изборот на технички и уредувачки тим на Радио-Телевизија на Србија и Радио Телевизија Војводина, Гојковиќ потсети дека РЕМ е независно тело избрано според Законот за електронски медиуми, како и дека партиите немаат што да бараат со промена на раководството на Радио-Телевизија Србија и на Радио-телевизија Војводина.
Свој коментар по синоќешните протести на опозоцијата даде и шефот на дипломатијата и лидер на коалициската Социјалистичка партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ, дека „синоќешниот собир е целосен дебакл пред очите на меѓународната и српска јавност.“
– Освен навреди и закани, никој не можеше да слушне за што тие се залагаат. Немаат идеи, немаат народ, очигледно нешто не е во ред, рече Дачиќ, додавајќи:„Не се добри лидерите кои ги водат и ако не ги променат, и овие малку луѓе за одамна најавениот централен опозициски протест ќе биде најголемиот собир што можат да го имаат“.
Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, рече дека не сака некого да навреди, но дека барањата на опозицијата се „смешни“.
На вчерашните протести на опозицијата во Белград упатено е барање за дијалог за формирање на заедничка комисија на Владата и опозицијата за дефинирање на фер и чесни изборни услови, избор на нов состав на РЕМ и избор на технички и уреднички тим на Радио Телевизија Србија и Радио Телевизија Војводина. Доколку власта не ги исполни овие барања во рок од шест денови, опозицијата најави дека седмиот ден ќе организира уште поголем протест.
Според, поранешниот српски премер Зоран Живковиќ на протестот, кој мина мирно без инциденти, присуствувале 35.000 лица и е најголем по оној на 5 октомври.
Власта пак тврди дека на протестот имало околу 7.500 луѓе.