Полицијата во Белорусија уапси над 50 лица низ целата земја за време на протестите со кои се бара оставка на белорускиот лидер Александар Лукашенко, соопштија денеска властите.
Белоруското Министерство за внатрешни работи соопшти дека вчера се приведени 51 демонстрант на митинзи во повеќе градови.
Според групата за човекови права Вјасна, 15 лица биле уапсени во Минск, главниот град на земјата, каде вчера се собрале неколку илјади луѓе на плоштадот Независност, и покрај обилниот дожд, барајќи оставка од долгогодишниот лидер Александар Лукашенко.
Новите апсења на демонстрантите кои се на улиците повеќе од две недели, следуваа по зголемениот притисок од властите врз опозицијата. Неколку активисти се уапсени во последните неколку дена, додека други беа повикани на разговор, а на десетици демонстранти им е наредено да се појават на суд.
Протестите почнаа по објавувањето на официјалните резултати од претседателските избори на 9 август, според кои Лукашенко го освои шестиот последователен претседателски мандат со 80 проценти од гласовите.