Според првичните информации од речиси сите избирачки места, Александар Лукашенко освоил 81,35 проценти од гласовите за нов, шести мандат како претседател на Белорусија, објави синоќа претседателката на Централната изборна комисија Лидија Јермошина.
На второ место е Светлана Тихановска, за која гласале осум проценти од избирачите, додека кандидатот „против сите“ освои четири проценти.
И излезните анкети покажале дека Лукашенко убедливо ќе победи со 79,7 проценти од гласовите.
Сепак, соработниците на Тихановска тврдат дека според резултатите од алтернативното броење на гласовите, таа добила повеќе од 80 проценти.
Незадоволни од резултатите од гласањето, поддржувачите на опозицијата излегоа на улиците во неколку градови.
Демонстрантите во центарот на Минск фрлаа факели и камења кон полицијата, а полицијата употреби солзавец против нив.