Белорусија денеска објави дека е неопходно да се направи „непланиран ремонт“ на нафтоводот Дружба (Пријателство), кој што транспортира нафта од Русија преку Белорусија до неколку земји од Европската Унија, што може да доведе до проблеми во снабдувањето на европските потрошувачи.
Надлежните наведуваат дека работите на ремонтот ќе траат три дена, пренесува Раша тудеј.
Рускиот енергетски извозен гигант Транснефт во соопштението вели дека може да има краткорочни прекини во снабдувањето. Портпаролот на компанијата Игор Демин изјавил за новинарите дека работите за одржување ќе бидат завршени до викендот.
Нафтоводот ги поврзува нафтените полиња во централна Русија со потрошувачите во Полска, Унгарија, Чешка и Германија.
Веста за „непланираниот ремонт“ дојде откако претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, претходно и` се закани на Европа со прекин на испораките на гас и нафта, поради најавата на Брисел дека ќе воведе санкции кон Минск поради мигрантската криза на граница со Полска.