Екипажот на летот на Рајанер самостојно одлучи авионот да слета во Минск, без мешање, кога беше информиран за предупредувањето за бомба, соопштија денеска белоруските власти.

– Одлуката ја донесе шефот на екипажот без надворешно мешање, рече Игор Голуб, началник на белоруското воено воздухопловство.

Белоруските власти денеска објаснија дека за летот на Рајанер од Атина до Вилнус, кој бил пренасочен кон Минск, пристигнала закана по електронска пошта од некој што се претставил како палестинска организација Хамас.

– Ние, војниците на Хамас, бараме од Израел прекин на огнот во Појасот Газа. Бараме од Европската унија да престане со поддршката за Израел. Доколку не се исполнат нашите барања, бомба ќе експлодира (во авионот на Рајанер) над Вилнус, го прочита писмото Артем Шикорски, официјален претставник на белоруското Министерство за сообраќај наведувајќи дека чита руски превод на порака добиена на англиски јазик.

Авионот на „Рајанер“, кој летал од Атина до Вилнус, вчера бил пренасочен кон Минск, наводно, поради закана за бомба. По претресот било утврдено дека заканата била лажна и на авионот му било дозволено да продолжи, но без белорускиот опозициски активист Роман Порташевич и неговата девојка кои биле уапсени.

САД и Европската унија го осудија пренасочувањето на патничкиот авион и побараа ослободување на опозиционерот. Како одговор на мерката на Белорусија, неколку земји ги повикаа своите авиокомпании да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија, а повеќе земји исто така ги повикаа белоруските амбасадори за да го изразат своето незадоволство.