Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека неговата држава ќе им се спротистави на Иран и на иранските поддржувачи во регионот, и ќе им помогне на своите сојузници. Тој ја даде изјавата при денешната посета на Бахреин, оценета како историска, јави Бета.
– Ќе се бориме против Иран и неговите следбеници во регионот, и ноќе и дење. Ќе им помогнеме на нашите пријатели во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста, кога и да го побараат тоа од нас, додаде Бенет во интервјуто за „Ал-Ајам“, објавено на арапски јазик.
Бенет е првиот израелски премиер, кој, како што се наведува, јавно ја посети малата островска монархија во Заливот.
Тој денеска ќе се сретне со владетелот на Бахреин, кралот Хамад бин Иса Ал Калифа и со престолонаследникот и премиер, Салман бин Хамад ал Калифа.
Бахреин ги нормализираше односите со Израел во 2020 година во рамки на договорот Аврам, што претставуваат серија договори со арапските држави со посредство на Вашингтон.
Израелскиот лидер другата земја на Заливот, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ја посети во декември. Со ОАЕ, Израел ги нормализираше односите предминатата година. Израел и Бахреин го сметаат Иран за главна закана.
Израелските медиуми наведуваат дека сунитското малцинство во Бахреин, стравува поради иранското влијание врз шиитското мнозинство во земјата, а таа не учествува во донесувањето одлуки.
Исто така, Иран, неофицијално, со години ги поддржува револуционерните групи во Бахреин.
Зајакнувањето на врските со арапските сојузници во Заливот, Израел го смета за важен чекор во регионалната борба против Техеран, изјави Бенет.
– Иран ги поддржува терористичките групи, активни во вашиот и во нашиот регион, во една цел. Иран тежнее кон тоа да ги уништи умерените земји, што се грижат за доброто на својот народ, додаде Бенет.
Одговарајќи на прашањето што мисли за основање официјален регионален сојуз против Иран, тој, како што се чини, изрази поддршка, јавија израелските медиуми.
– Изминатите години ја зајакнавме нашата воена соработка со земјите во арапскиот и во неарапскиот регион. Сите ние разбираме, се соочуваме со исти предизвици, па зошто да не соработуваме и да одговориме на нив? Израел е силна и доверлива земја, појасни Бенет.
Шефот на израелската дипломатија, Јаир Лапид го посети Бахреин во септември минатата година, кога е отворена израелска амбасада во Манама.
На почетокот на февруари, израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, заедно со својот колега во Бахреин потпиша меморандум за разбирање. Меморандумот ќе допринесе за разузнавање и соработка на одбранбените индустрии на двете земји.
Се очекува Бенет со официјални лица во Бахреин да разговара и за унапредување на туризмот, како и за инцијативи во областа на културата, а вети и дека народите во двете земји секој ден ќе можат да ги гледаат плодовите на билатералните односи.
Тој денеска одвоено се сретна со мала, локална, еврејска заедница.