Банкси објави видео онлајн на кое покажува како го вградил „шредерот“ во рамката на легендарната слика што се самоуништи откако синоќа се продаде на аукција на „Сотби“ за повеќе од 1 милион долари.
Во видеото се гледа како се инсталира направата за сечење, а потоа следи снимка на која присутните шокирано гледаат како сликата „Девојче со балон“ излегува исечена на ленти. Видеото беше оригинално објавено на Instagram и веднаш потоа избришано.
– Скришно ставив шредер во рамката на сликата во случај некогаш да заврши на аукција, вели тој во видеото.
Меѓу другото, можно е мистериозниот уметник да си го откри идентитетот ненамерно, бидејќи шредерот бил активиран од некој од внатре, а според видеата на присутните, на наддавањето присуствувал и Робин Ганингам, за кој и претходно имало сомненија дека е Банкси.
Експертите велат дека со овој потег можно е вредноста на делото двојно да се зголеми поради уште поголемиот интерес и начинот на кој сега сликата е „обработена“.