Германија сака да ја зајакне соработката со Португалија за прашања поврзани со климата, енергијата и заштитата на морињата, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред да замине за Лисабон, јави ДПА.

– Со своите амбициозни климатски и енергетски политики, Португалија се бори со сè посушните и топли лета што ги доживува, рече Бербок, кој е од партијата Унија 90/Зелени.

Таа додаде дека Германија ќе настојува да ја зајакне соработката со Португалија во областите кои се приоритетни за двете земји, како што се климатските и енергетските прашања.

Бербок, исто така, ја нагласи поддршката што Португалија и ја дава на Украина во борбата против руската агресија, не само со оружје, туку и со привлекување на целата светска заедница што зборува португалски кон својата кауза.

Португалија и испорача на Украина оклопни транспортери М 113, потсетува ДПА.

Бербок истакна дека Германија и Португалија работат заедно за многу прашања и дека се блиски партнери во ЕУ, НАТО и ОН.

– Португалија рано ја сфати клучната улога на морето во спречувањето на глобалното затоплување и обезбедувањето храна. Сакаме да учиме еден од друг, рече Бербок, посочувајќи дека во посетата на Лисабон ја придружува германскиот комесар за поморство Себастијан Унгер.

Таа денеска во Лисабон ќе се сретне со својот португалски колега Жоао Гомеш Кравињо, а утре ќе се обрати на годишната конференција на шефовите на португалските дипломатски претставништва во странство.