Поранешнот албански претседател и екс премиер, Сали Бериша, изјавата на актуелниот албански премиер Еди Рама, дадена во косовскиот град Пеќ, ја смета за антиалбанска.
– Изјавата на Едвин Кристаќ Рама во Пеќ е вистински антиалбанска! Повторната злоупотреба на Косово за да ја нападне и да и се закани на ЕУ е чин на бандит. Станува вообичаено, при секоја посета на Косово Едвин Кристаќ Рама да ја искористи за да го покрие својот целосен неуспех на патот на интеграцијата, отворањето на преговорите на Албанија со ЕУ, напиша Бериша на својот Фејсбук профил во врска со обвинувањата на Рама упатени до Брисел поради дадените и неостварени ветувања кон Косово.
Според Бериша, на овој начин тој исто така директно или индиректно му помага на неговиот пријател, српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Со заканувачки пораки искажани од Косово, Рама како разбојник, како вистински Дон Кихот, мисли дека ја заплашува Европската унија и оти ќе ја принуди да ги затвори очите пред најопасната европска криминална организација на чело со Едвин Кристаќ Рама, кој ја поврза Европа со Колумбија и ја создаде единствената нарко држава во светот, обвинува Бериша.
Поради тоа, посочува Бериша, „силно ги осудувам антинационалните, во основа просрпски изјави на Рама Бреговиќ“ и користењето на Косово за вакви изјави со кои бара за ги покрие неуспесите, скандалите, нарко државата на неговото владејачко мнозинство на криминал, дрога, кражби и корупција.
Иронијата на Бериша со додавањето на презимето Бреговиќ е поради тоа што Рама кога беше градоначалник на Тирана му го даде клучот на албанската метропола на Горан Бреговиќ.