Европската комисија сака соработка со земјите од северна Африка за прашањата за миграцијата, но никому не сака да наметне отворање бегалски кампови, изјави денеска портпаролката на Еврокомисијата, Наташа Берто.
Сепак, како што јави МИА од Брисел, Европската комисија не се откажува од идејата за „регионални излезни аранжмани“ со трети земји.
Берто со денешната изјава ја потврди пораката испратена од страна на претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, кој минатата недела во Тунис нагласи дека камповите во трети земји „не се веќе на агендата и никогаш не требало да бидат.“
– Секогаш сме зборувале за излезни аранжмани и соработка со партнерите во северна Африка, изјави Берто.
Јункер, како што нагласи таа, испратил силна порака за соработка со Африка.
– Не сакаме ништо да им наметнуваме на нашите партнери, а тоа вклучува работи како бегалски кампови. Бараме соработка за да ставиме крај на загубата на животи. Тоа е заедничка одговорност од двете страни на Медитеранот, порача портпаролката на Јункер.
Сепак, според неа, регионалните излезни аранжмани или платформи се уште се на маса.
Разликата е во тоа што „регионалните излезни аранжмани“ не се кампови, туку треба да се центри кои ќе овозможат безбедно пристигнување на спасените мигрантите од која било страна на Медитеранот.