Транспарентноста, отвореното судство и примената на стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права ( ЕСЧП) се едни од клучните заложби на Врховниот суд за спроведувањето на потребните реформи и за враќање на довербата кон судството, вели за МИА претседателката на Врховниот суд на Македонија, Беса Адеми по повод 31 март – Денот на македонското правосудство.
– Врховниот суд во изминатиот период целосно се фокусираше на овие темелни принципи. Во таа насока, како исклучително важен момент го акцентирам донесувањето на новиот Деловник на Врховниот суд во чии одредби е инкорпориран моделот на работа на Европскиот суд за човековите права. Новиот Деловник се носи дури по 23 години и како акт обезбедува законито, независно, непристрасно, ефикасно и во разумен рок вршење на функцијата, како и непречено остварување на правата на странките, нагласува претседателката на Врховниот суд.
Како највисока правосудна институција во државата, додава Адеми, посветени сме на доследната примена на стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, на која се повикуваме во ставовите, мислењата, заклучоците и одлуките.
– Во таа смисла, нашите заложби се многу јасни: приближување на стандардите кон Европскиот суд за човековите како најсилен придонес за заштитата на правата на граѓаните и за независноста на судството, вели Адеми.
Во врска со транспарентноста и отвореното судство како заложби на Врховниот суд, таа нагласува дека суштинска новина на овој план е формирањето на Советот за отворено судство и потпишувањето на Декларацијата за отворено судство.
-Отвореното судство во концептот на Партнерството за отворена власт претставува новина на европскиот континет. Со воспоставување на отвореното судство, С. Македонија претставува една од ретките држави во која концептот на глобалната иницијатива на Партнерството за отворена власт, ја инкорпорира и судската власт, посочува Адеми.
Според неа, отвореното судство како дел од Отвореното партнерство на властите треба да послужи и како механизам за подобрување на положбата на судството утврдена во Уставот и законите односно во обезбедување на услови за целосно почитување на начелото на независност во сите облици – институционална, функционална и финансиска.
-Отвореното судство во тој контекст ќе претставува клучна основа за целосна отвореност на судовите и за довербата на граѓаните во однос на работата на судовите, вели Адеми.
По повод Денот на македонското правосудство, претседателката на Врховниот суд упатува порака до граѓаните и до јавноста дека Врховниот суд ќе биде посветен и истраен во заложбите за независно судство и судска власт во служба на граѓаните.
-Убедена сум дека со новиот начин на работа, со целосната отвореност кон граѓаните и со приближувањето кон стандардите на Европскиот суд за човековите права успеваме и ќе успееме да создадеме современо судство кое ќе се темели на начелата на независност, интегритет, еднаквост и стручност, вели претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, упатувајќи честитка по повод Денот на македонското правосудство.