Од Движење Беса велат дека известувањето за дистанцирањето на Хоџа и Бајрами го добиле од медиумите. Според нив, им смета опозициското обединување и испраќањето на ДУИ во опозицијата. Од Беса се убедени дека сојузот на трите опозициски партии на следните избори ќе биде победнички.

„Од социјалните мрежи сме информирани за односот на Арјанит Хоџа и Бастри Бајрами дека се оградуваат од опозицискиот фронт. Тоа е нивна лична одлука, најголем дел од партиските тела и структури се со апсолутно мнозинство за влез во опозицијата и испраќање на ДУИ во опозиција. Се чини дека здружената опозиција му пречи некому, но залудни се напорите да се наштети и да се спаси ДУИ. Албанската опозиција секој ден се повеќе се обединува, а на следните избори ќе излезе како победник, како што покажува најновото истражување“, велат од Беса.

Инаку, Хоџа не е единствениот кој најавува формирање нова политичка партија. Ова досега го најави Изет Меџити, додека и пратеникот Скендер Реџепи, кој дејствува како независен во Собранието, не ја отфрли таквата можност. Сега како независен пратеник ќе дејствува и пратеникот Бастри Бајрами.