„Како на доблесен страдалник и крепок воин на Христа – Царот на сите, псаломски викаме: Радувај се, украсу и убавино на мачениците! Радувај се, светла ѕвездо на Црквата, и бедему и пристаниште на тие кои прибегнуваат кон тебе, славен великомаченику Димитрие! Спасувај ги сите оние кои ти пеат, од секаква необична штета и несреќа“ (седален на Утрена на св. вмч. Димитриј).

На 08.11.2024 година, денот кога го славиме споменот на св. великомаченик Димитриј Солунски, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, бешпе отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александарв Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Ристе Наумоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител ги искажал овие зборови за Својата Црква: На тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18). Тој камен за кој зборува Господ Исус Христос не е направен од камен ниту од мермер ниту, пак, од челик. Тој камен е создаден од непоколебливата, длабока и силна вера. Затоа и сите наши непријатели низ историјата, кои ги гонеле христијаните, ги рушеле нивните светилишта, но не можеле да ги убијат душите кои живееле со Христова вера и не можеле да ја срушат Христовата Црква како вечна Божествена установа. Не можеле да постават на нашата духовна и народна историја некој свој туѓ темел. Затоа никој не може да постави друга основа освен положената, а тоа е Исус Христос (1. Кор. 3, 11). Благодарение на тоа ние постоиме и денеска како православен народ македонски.

Уште во древните времиња, царот и псалмопеач Давид има речено: Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој (Пс. 17, 2). Како што човекот кога ѕида куќа ја ѕида за да биде што поцврста и силна, така преку сиот свој живот ја надградува и својата личност, својот карактер и своето битие, за да бидат духовно силни и цврсти. Св. ап. Павле им порачува на христијаните: Секој нека пази како надѕидува (1. Кор. 3, 10). Темелот го има поставено Христос, а тој темел, всушност, е Самиот Христос. Тој темел е создаден од непроменливата и вечна Божја вистина во совршената и безгранична Божја љубов, во безграничната Божја правда, и во совршеното милосрдие и опростување.

Со светата тајна Крштение се постанува член во Божјата Црква. Бог го поставува тој темел во душата на секој христијанин. Сега на човекот му останува тој темел да го надградува во својата личност. Работните предмети може да се прават од злато, сребро и драгоцени камења. Колку што е материјалот подобар толку предметите се повредни. Така и човекот може да ја надѕидува својата личност со злато – со вистина и правда. Може со сребро – со чесност. Може и со драгоцени камења – со морал, вера, љубов, добрина, милосрдие и опростување. Така, изградената личност, поминувајќи низ огнот на разните искушенија и потешкотии во животот, стои цврсто како карпа покрај море. Брановите ја удираат од сите страни, но карпата останува неразнишана.

На едно место е опишан многу интересен настан. Во една длабока и мрачна ноќ, кога имало големо невреме, во една осамена куќа умирал еден старец, а покрај него била само неговата ќерка. Сакајќи да му помогне на својот татко на смртната постела, го прашала дали сака да му запее нешто убаво. Таткото одговорил: Не е потребно дете. Оваа куќа ја изградив од многу цврст материјал и на сигурен темел. Невремето и бурата не ќе можат ништо да ми наштетат. Исто така, добра куќа сум подигнал и на овој свет. Така се чувствува секој човек кој го изградил својот карактер врз цврстите темели на Христовото евангелие, врз идеалите на Неговата љубов, на Неговата вистина и на Неговата правда. Блазе си му на тој човек, и на овој и на оној свет, кој може да ги потврди зборовите на пророкот Давид – Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој (Пс. 17, 2).

Еве ние денеска прославуваме еден Божји угодник – св. вмч. Димитриј Солунски. Овој слуга Божји имал многу земни блага, некои наследени од неговите родители, а некои и самиот ги заработил, како господар на Солун, а со тоа земно богатство можел да ужива. Но, св. Димитриј не се темелел на никакви овоземни блага туку севкупната своја сила и моќ ја црпел од Господа Исуса Христа. Затоа не се плашел и да Го исповеда Господа Исуса Христа пред римските властодршци и да пострада за верата со надеж за негово вечно спасение и вечно престојување во небесното Царство. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Димитриј Солунски, тој да ни ја закрепи верата во Господа Исуса Христа, па и ние сета надеж да ја темелиме врз Христа, за наше вечно спасение, сега и во сета вечност. Амин.

Св. Димитриј Солунски

Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга

08.11.2024 г.

 

mitrovden24 1

mitrovden24 2

mitrovden24 3

mitrovden24 4

mitrovden24 5

mitrovden24 6

mitrovden24 7

mitrovden24 8

mitrovden24 9

mitrovden24 10

mitrovden24 11

mitrovden24 12