ОПо информацијата за долг од околу 7 милиони евра, министерот за финансии Бесими ќе го проверува буџетот, ставка по ставка за да се види од каде може да се префрлат пари за барем да се скуси овој долг и Клинички да се спаси од мрак.
Освен за струја, долгот на Мајка Тереза расте и по други основи, што според Бесими е доказ дека таму очигледно не се работи домаќински.
Добил задолжение од Владата да направи анализа на целиот сектор и да најде решение со кое нема да се повторува оваа пракса, иако владината коалциијата на СДСМ и ДУИ пет години менаџираше со овој сектор и имаше увид во сите проблеми.
„Наредната недела ќе се разгледа предлог одлуката да се алоцираат пари од буџетот. Исто така добивам задолжување и од Владата и од премиерот да направиме анализа на целиот сектор , зошто таму долгот расте и по други основи што е сигнал дека не е добро поставен системот и не се работи економично и ќе мора да се најде решение“ – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Клинички и Железница веќе добија и известување од ЕВН. За помалку од две недели тие можат да останат без електрична енергија, ако нешто не се преземе со милионскиот долг.
Компанијата веќе има направено и план на кои се точки целосно ќе биде исклучена струјата.
И од Железница и од заеднички служби на Клиника за Телма потврдија дека пари нема и дека се надеваат во повеќе средства од државната каса.
Но, освен овие институции со големи долгови за струја се и затворите, судовите, факултетите. И тие може за брзо да останат без електрична енергија.
Од понеделник ЕВН ќе прати известување за исклучување и до другите должници.
Инаку, долгот на Мајка Тереза за електрична енергија е околу 7 милиони евра , во кои влегуваат и фактури од ГОБ 8 Септември.
Сметките не се плаќале повеќе од три години.
Железница пак која е на листата на загубари, должи околу 6 милиони евра. Ова претпријатие со години има финансиски проблеми.
Освен што не плаќале немаат доставено ниту банкарски гаранции.
Вкупниот долг пак, за електрична енергија на јавните и државните институции надминува 40 милиони евра и оваа сума е сериозен проблем за енергетскиот сектор во време на најголемата енергетска криза.