Од потребните 900 милиони евра за покривање на буџетската дупка годинава, Владата успеа да обезбеди само 50 милиони евра и тоа од домашна банка. Министерот за финансии Фатмир Бесими на брифинг со новинарите потврди дека е земен кредит во вредност од 50 милиони евра од Шпаркасе банка, со камата од 2,5%. Според него условите за издавање Еврообврзница сега не се поволни поради високите камати. Состојбата ќе се следи до крајот на годината, а дотогаш ќе се бараат други начини за да се обезбедат потребните пари.

„Кредитот е земен за премостување на периодот до издавање на Еврообврзница, бидејќи каматите во моментов се многу високи, 7,5% беа во мај и јуни. Сега е 6% каматата, но чекаме поволен период за да ја издадеме.“ кажа Фатмир Бесими, министер за финансии

Краткиот брифинг Бесими го одржа по настан во министерството за финансии на кој иако беа предвидени прашања за новинарите, сепак протоколот на министерот одлучи да го затвори настанот.

Финансии потпиша договор за грант од УСАИД во вредност од 10,3 милиони долари. Амбасадорката на САД во земјава, потенцираше дека корупцијата е главен проблем за економскиот раст на земјава. Со овие средства очекуваат да се надминат проблемите.

„Недостига транспарентност, има непотизам и институционална дисфункција и сето тоа може да ја одвлече земјава од патеката на нејзиниот напредок. Знаеме дека еден од најголемите предизвици се корупцијата која го поткопува доброто владеење и ја саботира економската транспарентност. Владините претставници мора да одговорат на овие предизвици, да ги исполнат очекувањата на јавноста и да ги исполнат стандардите за членство во ЕУ.“ изјави Кејт Мери Брнз, амбасадор на САД во земјава

А, стопанството и граѓаните се уште го чекаат новиот пакет помош најавен за септември.

Фирмите веќе подолго време бараат намалување на ДДВ-то за електрична енергија и ограничување на маржите на трговците со струја. Бесими на брифингот не откри дали барањата се прифатливи, само кажа дека се уште траат консултациите и многу скоро мерките ќе бидат објавени.