Фатмир БЕСИМИ
Година на економско заздравување при сѐ уште присутни предизвици
Велат дека oптимистот останува буден до полноќ за да ја дочека новата година, додека песимистот само се уверува дека старата година заминува. Гледајќи од денешна перспектива, сметам дека имаме многу причини да бидеме оптимисти. Ценам дека крајот на 2021 година нѐ наоѓа во значително подобрена ситуација на здравствен и економски план, со солидно заздравена економија и многу подобри изгледи за иднината, при сѐ уште присутни предизвици, како што се енергетската криза и новите варијанти на вирусот.
Оваа година помина во знакот на борбата со пандемијата и поддршката на економското заздравување. Зачувувањето на здравјето и животите на граѓаните, при поддршка на најпогодените сектори и ранливи категории на граѓаните останаа врвни приоритети. Во услови на здравствена криза, особено присутна во првиот дел од годината со огромно влијание на секојдневниот живот на луѓето, но и нормалното економско делување на компаниите, брзата и таргетирана реакција на државата беше навистина неопходна. Затоа, продолживме со имплементирање на дел од економските пакети воведени претходната година и воведовме дополнително два нови сета на мерки, со кои вкупната поддршка која ја дадовме на економијата во вид на директна поддршка за компаниите и граѓаните, гаранции и даночни олеснувања достигнаа ниво од 1,2 милијарди евра, или околу 11 проценти од БДП.
Со цел ревитализирање на економијата погодена од кризата во петтиот и шестиот пакет на мерки воведени во 2021 година беа предвидени околу 185 милиони евра дополнителна поддршка на стопанството и ранливите категории. Преку различните мерки се даде финансиска поддршка за плати на најранливите категории, бескаматни кредити, финансиска поддршка за ликвидност, поддршка на извозната активност, како и таргетирана поддршка на најпогодените сектори. Позитивните ефекти од овие политики беа препознаени и во неодамнешниот извештај на Мисијата на ММФ, каде се нотираа добрата поставеност на фискалните мерки за ублажување на влијанието на ефектите од пандемијата, зачувување на вработеноста и заштита на најранливите, како и добрата поставеност на Буџетот за 2022 во прилог на обезбедување на рамка за флексибилен одговор на предизвиците произлезени од пандемијата.
Ова, придружено со другите политики имплементирани од страна на Владата за поддршка на закрепнувањето на економијата, доведе до остварување на стапки на реален раст на економијата од 13,4 проценти во вториот квартал и 3 проценти во третиот квартал од 2021 година, со што кумулативниот раст за првите три квартали достигна ниво од 4,6 проценти. Овој раст претежно беше предводен од зголемувањето на трговијата на мало и големо со пораст од 15,9 проценти, заклучно со првите три квартали од годината споредено со 2020 и услугите со пораст од 5,4 проценти. Очекуваме до крајот на годината позитивните придвижувања да продолжат и да ја завршиме годината со економски раст од 4,1 процент, во согласност со нашата проекција, со можност истиот и да се надмине.
Крајот на годината нѐ соочи со една дополнителна потешкотија, односно глобалниот раст на цените на енергенсите и примарните продукти. Енергетската криза која на глобално ниво ги потресе пазарите и во најразвиените земји, одекна како сплет на фактори предизвикани од зголемената побарувачка во пост-пандемискиот период, амбициозните зелени агенди на големите земји, како и геополитичките интереси. Во таков контекст, со непостоечки можности за влијание врз глобалните ценовни движења на овие продукти, пропорционалниот одговор со државна интервенција остана начин преку кој остануваме доследни кон заложбата за одржување и унапредување на животниот стандард на граѓаните. На тој начин, обезбедуваме што повеќе граѓани да имаат придобивки од економскиот раст, односно тој да биде поинклузивен.
Со ликвидносна поддршка од околу 100 милиони евра на државната електроенергетска компанија „ЕСМ“ придонесовме кон ублажување на последиците од оваа криза од глобални размери. Дополнително, со цел поддршка на животниот стандард во јули 2021 воведовме повластена стапка на ДДВ за електрична енергија на домаќинствата од 5 проценти (значително намалена во однос на претходното ниво од 18 проценти и на тоа ниво предвидено е да се врати во јули 2023 година), со што сметам дека влијаеме позитивно кон ублажување на последиците на оваа криза врз домаќинставата. Исто така, финансиска помош од 1.000 денари месечно за греење е обезбедено за социјално ранливите категории во општеството и со која се помогна на околу 35.000 семејства и 9.000 пензионери со пониски примања. Остануваме посветени на будното следење на состојбите во енергетскиот сектор и навремената реакција на фискалната политика со цел ублажувањето на ефектите од овој глобален енергетски шок.
Инклузивност, меѓународни и регионални искуства во креирање на кредибилни економските политики
Тоа што не научи кризата е дека, во услови на глобални економски кризи и предизвици, размената на искуствата, координацијата и инклузивноста се клучни фактори во креирањето на ефикасни и одржливи политики. Различните ставови и искуства се значаен придонес во овој процес. Всушност, принципите на сеопфатност и инклузивност се значајни генерално во дизајнирањето на политиките и реформите. Во овој дух, годинава ја организиравме првата годишна конференција на Министерството за финансии во рамки на Скопје Економски и финансиски форум (СЕФФ) со фокус на економското закрепнување во пост-пандемискиот период.
Во присуство на високи владини претставници од земјата и регионот, меѓународни финансиски иституции, претставници од бизнис секторот, широкиот политички спектар и академската сфера имавме можност да ги дискутираме главните предизвици за иднината, но и да извлечеме значајни препораки кои веќе стануваат дел од нашите стратегии, планови и политики. Во склоп на ова и со цел збогатување на содржината на СЕФФ, во рамките на новогодишните средби со колегите поранешни министри за финансии произлезе иницијатива за основање на Совет на поранешни министри за финансии кој ќе делува во рамките на СЕФФ (на волонтерска основа) во својство на Одбор за програма на СЕФФ, особено во однос на темите на годишната конференција каде учествуваат високи претставници од меѓународни инситуции и земјите од регионот.
Остануваме посветени, овој форум (СЕФФ) да стане традиционален и претпознатлива регионална платформа за дискусија на предизвиците и можностите во креирањето кредибилни економски политики, што ќе придонесе кон поголема инклузивност и подобар квалитет.
Поддршка на економијата и забрзување на растот преку прудентно водење на јавните финансии
Зголемените потреби за финансирање од државата за поддршка на најпогодените од кризата и отежнатите економски услови придонесоа кон потребата за создавање нов фискален простор, преку приоретизација на трошоците и задолжувањето. Во овој процес се водевме од принципите на максимизирање на ефектите, притоа водејќи сметка за трошоците и одржливоста на јавните финансии.
Едно клучно препознавање на овие напори, сметам дека беше успешно издадената евро-обврзница во март 2021 година. Историски најниската каматна стапка од 1,625 проценти во време на огромна глобална неизвесност, укажа на довербата на најинформираните пазарни учесници, односно меѓународните институции во водењето на јавните финансии и економските перспективи на нашата земја. Средствата од вкупно 700 милиони евра се искористија за рефинансирање на евро-обврзницата издадена во 2014 година со каматна стапка од 3,975 проценти во вредност од 500 милиони евра.
Ова значи дека за седум години, колку што е рокот на достасување на новата евро-обврзница, ќе имаме каматна заштеда од 82,3 милиони евра. Преостанатите 200 милиони евра се искористија за буџетска поддршка, при што се очекува да произведат неколкукратна повисока вредност од трошокот, со оглед на фактот што економијата ќе расте со значително поголема брзина споредено со каматната стапка на евро-обрзницата. Дополнително, ако се земаат предвид и повисоките предвидени стапки на инфлација во ЕУ, нашиот реален трошок за оваа еврообрзница, дополнително ќе се намали.
Јавните инвестиции, односно капиталните расходи се, исто така, канал преку кој државата активно учествува во алокација и реалокација на ресурсите согласно предвидените стратешки цели, внимавајќи на социјалната компонента и другите пазарни и непазарни принципи на кои ја базираме нашата развојна политика. Дополнително, ова е начин преку кој ние активно придонесуваме за зголемен раст на економијата, што следствено ќе води и до подобар квалитет на животот на граѓаните. Имено, големата поддршка со која државата настапи за време на пандемијата беше пресликана и во финалната јавна потрошувачка која порасна за 3,3 проценти кумулативо во првите три квартали од оваа година, при веќе висока почетна основа од 2020 година.
Во овој домен, и покрај потешкотиите создадени од пандемијата, ефикасното менаџирање и новиот КАПЕФ механизам за поефикасно спроведување на капиталните инвестиции ги дадоа резултатите. Имено, согласно последните расположливи податоци имаме за над 40 проценти повисоки реализирани капитални инвестиции споредено со истиот период претходната година. Односно, реализацијата на капитални инвестиции е на ниво од околу 370 милиони евра или околу 77 проценти реализација во однос на планиреаните средства за 2021 година. Дополнително, реализираните инвестиции се очекува да достигнат највисоки нивоа и во апсолутни износи. Ова ни дава дополнителен оптимизам за реализирање на големите капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст.
Покрај мерките за поддршка на закрепнувањето, Министерството го започна процесот на градуална фискална консолидација. Буџетскиот дефицит се очекува да биде под 6 проценти од проценетиот БДП во 2021 година (наспроти планираното од 6,5 проценти), намален од нивото од 8,2 проценти во 2020 година, со тенденција на понатамошно намалување односно 4,3 проценти од БДП, предвидени во Буџетот за 2022 година. Во оваа прилика особено важно е да се потенцира фактот дека има натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите и тоа истите достигнуваат ниво од 102 проценти од планираното со ребалансот во јуни 2021 година кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот буџет за 5 проценти даночните приходи и за 1,3 проценти придонесите.
Ваквата реализација на даночните приходи и придонеси придонесува за намалување на дефицитот за 0,5 проценти од БДП, односно околу 3,8 милијарди денари. Ова е дополнение на плановите на Министерството за финансии за фискална одржливост, фискално консолидирање и предвидливост при континуирано следење на движењата во економијата, и задржување на простор за државна интервенција во време на кризи, како сегашната. Воведувањето на среднорочното буџетско планирање во хоризонт од три години и со изгледи за наредните пет години, е додадена вредност кон предвиливоста на фискалните политики и одржливоста на јавните финансии, како и конзистеноста кон зацртаните цели.
Капитални проекти, реформи и нови законски решенија за забрзан економски раст
Во текот на 2021 година останавме посветени на реформските пакети и подобрите законски решенија, кои ќе бидат во прилог на остварување на нашите поставени цели. Во текот на 2021 го промовиравме Планот за забрзан раст на економијата, со кој се предвидени 4 милијарди евра јавни инвестиции со потенцијал за дополнително мобилизирање на 8 милијарди евра од приватни извори, што ќе доведе до повисоки стапки на одржлив раст на економијата. Планот за забрзан економски раст 2022-2026 предвидува преку иновативни механизми, инструменти и фондови и извори на финансирање да се спроведат крупни инфраструктурни проекти, кои ќе создадат позитивен мултипликативен ефект во приватниот сектор.
Во прилог на ова, презедовме низа на чекори како што се обезбедување на средства за Гарантниот фонд и Фондот за развој, кои ќе служат како поддршка на компаниите во обезбедување на поволни кредити за финансирање на извозот, обртните средства, основните средства, како и инвестиции во делот на истражување и развој. Дополнително, во фаза сме на подготовка на изготвување на новите инструменти, кои надополнети со Стратегијата за развој на финансиски пазари со посебен фокус на пазарот на капитал која е во финална фаза на подготовка, ќе даде разноликост во начините на финансирање и зголемен капацитет за мобилизирање на фондови.
Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, како и зелениот развој. Финализиравме со процедурите за започнувањето на изградбата на автопатот на Коридорот 8, со осигурување на дел од финансирањето преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), потпишано претходната недела во износ од 130 милиони евра од кои 20 милиони евра се грант од Европска Унија. Притоа, во буџетот за 2022 година предвидени се и околу 100 милиони евра за новите делници на Коридорот 8. Дополнително, планирани се изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорот 8 и 10, како и гасоводна инфраструктура во магистралните делници Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево, Свети Николе-Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција, за кој потпишавме договор за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во 2021 година првпат во Буџетот воведовме програма за зелен развој и имплементиравме проекти од зелената агенда од други програми во буџетот. Заложбата за зелена трансформација се засилува, и средствата за зелената агенда се удвоени на износ од 3,6 милијарди денари во Буџетот за 2022 година. Овој глобален тренд на кој ние навремено се вклучивме, ќе доведе до повисоки стапки на раст и поквалитетен и одржлив раст на економијата. Во рамките на оваа цел се и проектите за унапредување на дигитализацијата, како и развојот на човечкиот капитал, за што сме во финална фаза на изготвување на стратегија за развој на човечкиот капитал во соработка со Светската банка.
Крупна реформа оваа година е воведувањето на новиот Закон за буџети, кој веќе влезе во завршната фаза на собраниската процедура. Со предвидените законски решенија ќе се воспостават фискалниот совет и фискалните правила со цел зголемување на одржливоста, предвидливоста и прудентноста во водењето на јавните финансии, при истовремено воспоставување на механизми за справување со предизвиците со кои може да се соочиме.
Дополнето со напорите за подобрена транспарентност за која се залагаме во целост, ова ќе придонесе кон поголема доверба на јавноста и стопанството во буџетските политики. Имено, во 2021 година Министерството за финансии го воведе т.н. фискален бројач, преку кој граѓаните имаат увид врз нивото на реализација на приходите, расходите, капиталните расходи и државниот долг во секое време. Со ова и другите дигитални алатки, сметам дека ќе се придонесе кон активно учество на граѓаните во мониторингот на јавните финансии, спроведување на буџетот, но и воспоставениот принцип на „вредност на вложените пари“, со кој целиме парите на граѓаните да се трошат таму каде што ќе дадат најголема корист.
Во делот на даночните реформи, вредно е да се спомне дека Министерството за финансии во тек на целата година, низ еден инклузивен процес на консултации со стопанските комори (и особено извозниците) предложи Предлог-закон за изменување на царинскиот тарифник, каде беа опфатени 258 тарифни броеви. Вкупната индиректна поддршка, која се дава на стопанството преку оваа мерка изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра од вкупно наплатените 17,5 милиони евра по основ на овие тарифи на годишно ниво. Ова претставува намалување на 74 проценти на фискалниот товар по основ на овие тарифи. Треба да се напомене дека ова намалување претставува значително олеснување за извозниците со оглед на фактот што истото претставува 12 проценти од вкупните наплатени увозни давачки во 2020 година во вредност од околу 110 милиони евра.
Ваквото големо хармонизирање на царинските стапки со ЕУ и нивно намалување, како и многуте мерки кои ги воведуваме во функција на подршката на извозот како многу значајна компоненета во нашиот развој, ќе придонесе кон зголемена конкурентност, пораст на инвестициите, проширени капацитети на домашните и странските компании, поголем извоз и зголемена вработеност.
Во текот на наредната година ќе продолжиме со реформите во даночниот систем во насока иститот да биде поефикасен, поправичен и поедноставен. Притоа, во фокус ќе биде и намалувањето на неформалната економија. Исто така, ќе се работи на неколку законски и интитуционални решенија за развој на финасиските пазари и промовирање на финтек во нашиот финансиски систем.
Проектиран раст во услови на незавршена пандемија, енергетска криза и пораст на цените на светските берзи
Буџетот за 2022 година има за цел продолжување со грижата за здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите, при истовремена фискална консолидација, како и поддршката за реформските процеси во правосудството и евроатланските интеграции. Планираме рекордно ниво на капитални расходи со учество од 14% во вкупните расходи, односно историски највисоки 38,2 милијарди денари. Со зголемување на капиталните расходи за 28,3% во споредба со 2021 година, при истовремено кратење на непродуктивните буџетски трошења и намалување на буџетскиот дефицит, воведуваме нов квалитет во начинот на конципирање на буџетските политики и водење на јавните финансии. Исто така, во буџетот имаме издвоено околу 90 милиони евра за поддршкана стопанството од Ковид и енергетската криза, со цел да можеме навремено да реагираме на предизвиците.
Следната година очекуваме реален раст на БДП од 4,6 проценти, воден од пораст во бруто инвестициите од 8,5 проценти, зголемена извозна активност од 8,1 процент, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1 процент, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување на период на забрзан раст од над 5 проценти годишно. Се надевам дека глобалните економски текови ќе бидат подобри со цел целосно валоризирање на можностите, кои ни претстојат.
Сепак, имајќи го предвид временскиот контекст, моменталните глобални економски текови и предизвици, при нецелосно опоравена економија и засилен притисок врз цените на енергенсите на глобалните берзи, свесноста за предизвиците и флексибилноста на реагирање се клучни за нашиот капацитет за апсолвирање на кризите. Оттука, треба да сме свесни дека адаптибилноста е најголема предност, особено при зголемена неизвесност.
За крај, би сакал да упатам искрени честитки до сите наши граѓани, посакувајќи им среќни празници и добро здравје. Само сплотени кон нашите стратешки приоритети како општество, со инклузивен пристап при одлучувањето и ефикасност и ефективност при спроведувањето, ќе можеме да ги постигнеме целите за унапредување на животниот стандард и подобрување на квалитетот на живот на сегашните и идните генерации.
П.С. Враќање кон подобра иднина!
Среќна 2022 година со БДП што ќе го надмине нивото од пред Ковид кризата! Со интервентни политики што ќе го ублажат ефектот од Ковид и енергетската криза, како и импактот на порастот на цените на светските пазари. Покрај овие предизвици, планираме година во која ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста, зголемување на платите и намалување на сиромаштијата. Проектираме забрзан економски раст што ќе не врати во преткризната патека на раст, но и ќе не води кон надминување на истата во следните години преку структурни реформи, зајакнување на човечкиот капитал, иновации, инвестиции, како и со зелената и дигиталната трасформација на економијата и општеството, што на среден рок ќе не направат поконкурентни на светскиот пазар. Со тоа, „враќање кон подобра иднина“.