Иако пред две години не успеа да стане конзул во Њујорк, поради притисокот од јавноста, поранешната ТВ презентерка Бесмира Ејупи сепак доби шанса да замине во странство, овој пат на испомош во дипломатско конзуларното претставништво во Бон, Германија, потврдуваат од МНР за Канал 5. Министерот Бујар Османи пред напуштање на владиниот кабинет, освен за Бесмира Ејупи, потпишал решенија за испраќање и на други вработени во министерството на неколкумесечна испомош во ДКП-ата каде во летните месеци имало зголемен обем на конзуларни услуги.

„ Во текот на летните месеци во конзуларните претставништва каде има зголемен обем на работа поради тоа што нашата дијаспора патува дома се праќаат вработени од МНР на неколку месеци испомош за да се олесни издавањето на документи на шалтерите на конзуларните претставништва“ – велат од МНР.

Освен решенија за испраќање на лица за испомош во ДКП-ата, пред напуштање на владиниот кабинет, министерот Османи пред две недели распишал и интерени конкурси за испраќање на околу 15-тина нови дипломати во дипломатско – конзуларните претставништва на Македонија ширум светот. Од МНР за ова велат дека станува збор за редовни административни циклуси, а дали ќе завршеле конкурсите зависело од новиот шеф на дипломатијата.

Ваквата одлука на Османи наиде на критика од Македонскиот дипломатски синдикат, од каде веднаш по распишувањето на огласот за Канал 5 изјавија дека процедурата за избор на нови дипломати во нормални услови трае од 1 до месец и половина, така што некоректно е, сега да се распишува конкурс во време кога за десетина дена очекуваат нов министер.

„Сметаме дека е некоректно и према колегите но и политички некоректно на 10 дена пред доаѓање на нов министер, министерот во заминување да носи одлука за тоа кој дипломати се соодветни за одредени места -изјави Веле Трпевски – претседател на МДС .