Министерот за правда Никола Тупанчевски, обвинителката Фатиме Фетаи, судијата Лазар Нанев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески и поранешниот премиер Владо Бучковски сепак на фудбалскиот натпревар во Палермо меѓу Македонија и Италија летале гратис, односно на трошок на Фудбалската федерација. И Тупанчевски и Фетаи цело време изјавуваа дека трошоците за престојот во Палермо ги платиле од приватна сметка. Гратис биле и влезниците во ложата на стадионот.
И покрај тоа што ветија, денеска само Фетаи објави дека за престојот во Палермо од своја сметка платила 24.000 денари за хотелските трошоци. За авионскиот транспорт и за влезницата на натпреварот се погрижија од ФФМ.
Најверојатно истиот „аранжман“ важел и за Тупанчевски, Нанев, за Бучковски со двата сина, Мерко и Бакрачевски.
Иако од Министерството за правда вчера ветија дека денеска ќе бидат објавени платените фактури за престојот на Тупанчевски во Палермо, тоа јавноста денеска не го виде. Од Тупанчевски ја знаеме само изјавата дадена за неколку медиуми дека во Италија бил на свој трошок.
Од туристичката агенција „Гуливер“, организатор на патувањата на ФФМ засега нема никаква информација за аранжманите за ВИП гостите во авионот платен од ФФМ. Ни за Палерно, ни за Порто.
Вишата обвинителка Фетаи денеска објави и уплатница од 17.000 денари за трошоците за утрешниот натпревар во Порто на македонската фудбалска репрезентација против Португалија. За ТВ24 таа изјави дека дополнителни податоци ќе даде ако некоја од државните институции го смета тоа за потребно. „Има соодветни процедури кои секако не се водат со посредство на медиумите, туку со непосредна лична комуникација, преку кои се одлучува за евентуални прекршувања на закони или кодекси, кои во случајов ги нема“, изјави Фатиме Фетаи, вишата јавна обвинителка.
Од ФФМ само апелираат да не се произведуваат скандали пред историскиот натпревар за македонската репрезентација.
„Тие личности одат на сите натпревари на фудбалската репрезентација на Македонија, без разлика дали се работи за меч против Гибралтар или против Италија. Сите си платија аранжман во агенција, а ФФМ им даде гратис билети од тие кои ги добива за секој натпревар. Македонија никогаш досега не била толку блиску до пласман на Светско првенство, наместо во овие моменти да бидеме сплотени и фокусот да го ставиме на спортот за да ја израдуваме нацијата, ние се занимаваме со политика“, велат во изјавата за МКД.мк од ФФМ.
Лазар Нанев, претседателот на Основниот суд во Кавадарци денеска реши да не ги приложи сметките, а потврди дека веќе отпатувал за Порто. Тој за ТВ 24 изјавил: „Живеј го животот и љубовта кон него. Патриотизмот кон сопствената нација, Македонија и кон спортските успеси немаат граница, ниту километри. Македонија се сака со љубов, не со омраза. Респектот, мирот и бон тон се основните мотиви на просперитетот, 35 години во фудбалскиот спорт се потврда за посветеноста и научниот пристап во спортското законодавство“.
Засега нема информации за тоа дали во Порто се и Мерко и Бучковски и Бакрачески. Фетаи и Нанев се веќе таму. Тупанчевски овојпат реши да ги извршува своите работни обврски во Министерството за правда.
Државната комисија за спречување на корупцијата побара одговор од сите ВИП личности за тоа на чиј трошок патувале.