Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за Дојче Веле, вели дека на локацијата на поранешната фабрика Треска не смее да започнат градежни работи.
Изјавата доаѓа по информациите дека општина Центар започнува со расчистување на објектите од поранешната фабрика, што ги разгоре сомневањата во јавноста дека можеби се подготвува терен за да започне бетонизацијата на една од најатрактивните локации во Скопје.
– Како што сме информирани, во Јавното обвинителство се водат два предмети за фабриката Треска. Додека тие не завршат не смее да започнат градежни работи на оваа локација, децидна е Ивановска.
Таа посочува дека во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план.
– Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија по еден ваков противзаконски ДУП, прашува Ивановска од Државната комисија за спречување корупција.
Како што е познато, актуелната власт, која ја има и локалната во Општина Центар, во „шарената револуција против режимот на Груевски“ се бореа против бетонизацијата на Скопје, и на Центар, и за повеќе паркови зеленило во главниот град.
Продолжува изградбата на зградите и на парцелата кај хотелот Холидеј ин, деновиве беше соопштено дека е дадена дозвола за градба и на втората кула.